ГДУ НЕМА ДА ПОДДРЖИ ВЛАДИНА КОАЛИЦИЈА СО ДУИ

Граѓанската демократска унија (ГДУ) ја информира јавноста дека на претстојните парламентарни избори влегува со цврсто дефиниран став – нема да поддржи владина коалиција со ДУИ.

Партијата, која ја очекува поддршката на граѓаните кои се за коренити промени во актуелниот систем, каде конечно граѓанинот и неговите права ќе се стават пред политичкиот естаблишмент, смета дека во истиот систем ќе нема простор за претставници на политички партии кои во изминатите 20-тина години во Македонија учествувале во криминални и коруптивни активности.

– Нашата позиција е јасно декларирана уште на почетокот од изборната кампања. Ако формирањето на Влада на крајот од процесов зависи од ГДУ, а очекувам дека така ќе биде, категорични сме дека нема да поддржиме ниту една Влада во која партнер ќе биде ДУИ, вели претседателот на Граѓанската демократска унија Петар Колев.

– Ако гласате за нас, ДУИ нема да биде во власт. Досега ДУИ се покажа како неконструктивен партнер кога е на власт, независно од тоа дали неговиот партнер е СДСМ или ВМРО – ДПМНЕ. ДУИ е свесен дека се наоѓа на крајот од патот и дека веќе нема што да понуди. Затоа гласачите се обидува да ги заведе со големата идеја, обидувајќи се и на овие избори да ја запали етничката карта, но се надевам дека и нашите сограѓани Албанци разбираат што сака да предизвика Ахмети. Како што другите сограѓани препознаваат дека на речиси на секои избори истото го прави и ВМРО – ДПМНЕ. Комбинацијата од овие две партии се покажа како токсична за животот во Македонија. Наместо повисок животен стандард, добивме камења и стиропор, и останавме покуси за милиони евра за кои ниту еден висок функционер на ДУИ или на ВМРО – ДПМНЕ не заврши во затвор, вели Колев.

За најавите на ДУИ дека е време за првиот албански премиер во Македонија, од ГДУ велат дека тоа ќе биде одлука на сите граѓани во Македонија. За оние пак, кои сакаат да го видат ДУИ во Владата им порачуваат да гласаат за СДСМ или ВМРО – ДПМНЕ.

Граѓанската демократска унија