ГДУ-ШТИП: ИСТОКОТ Е ДОНЕСЕН НА РАБОТ НА СИРОМАШТИЈАТА!

„После 28 години манипулации и лаги од партиите близначки СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, статистиката ја обелодени вистината! Верниот Исток во кој тие се колнат, но само пред избори, го дотераа до дното на табелата за најсиромашен регион со најниски плати во целата земја. Источниот регион е длабоко на дното со просечна плата од 18. 633 денари, што е за речиси 10. 000 денари пониска од скопскиот регион со рекордните 28. 125 денари. Полошкиот регион со своите 22. 625 денари е со 4.000 денари подобро платен од нашиот.

Ако ДУИ може да се пофали со фактот дека регионот во кој тие се апсолутни политички хегемони е втор по висина на плати и прв по богатство во Македонија, тогаш со што ќе не лажат и ќе се фалат на следните избори во верниот Исток, близнаците ДПМНЕ и СДСМ? За наша огромна жал, нашиот регион, благодарение на катастрофалните политики на сите влади досега, водени од СДСМ и ДПМНЕ е единствено прв во невработеноста, прв со бројот на трајно иселените од родниот крај, а исто така и со сезонските работници, кои се мачат низ Европа за да си ги прехранат семејствата!
Дојдено е времето ние граѓаните на истокот да сфатиме дека сме најоштетени од овие погубни политики и на следните избори да им дадеме црвен картон на манипулантите, кои не донесоа до дното на сиромаштијата“, изјави на прес-конференција Бојана Дрангова, член на НК на ГДУ-Штип.