|

Герасимовски: Нема да толерираме манипулации на инвеститорите со фиктивни паркинг-места во новопроектираните објекти

Советот на Општина Центар, на предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, донесе одлука за измена и прецизирање на регулативата за обезбедување реални паркинг-места во новопроектирани објекти. Со оваа измена бројот на механизираните паркинг-системи се сведува на минимум со цел да се сузбијат злоупотребите евидентирани на терен.

Во согласност со измените на одлуката, најмалку 90 проценти од потребниот број паркинг-места во новопроектираните објекти во рамките на градежна парцела мора да бидат обезбедени без употреба на механизирани паркинг-системи, „клацкалки“, соопшти Општина Центар.

Ова важи и за објекти во кои се предвидува заедничко подземно паркирање во повеќе нивоа. Со ова драстично ќе се намали процентот на механизирани паркинг-системи.

„Го намалуваме бројот на непопуларните ‘клацкалки’. Со нив во пракса се манипулира. Тие само фиктивно се прикажуваат, а потоа не се изведуваат, затоа ги заоструваме регулативите. Инвеститорите мора да обезбедат реални паркинг-места за секое домаќинство во станбените објекти што ги градат. Јавниот интерес мора да биде заштитен“, истакна Герасимовски.

Механизираните паркинг-системи, „клацкалки“, се машински потпомогнати системи за паркирање возила во два нивоа (едно возило горе – едно возило долу) на површина што е наменета за само едно возило, а притоа не претставува градежна структура.



Слични Објави