|

Германскиот министер за одбрана: Ќе беше подобро САД да не направеа отстапки пред почетокот на преговорите

По разговорот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин, изјава за медиумите даде и германскиот министер за одбрана Борис Писториус. Тој рече дека ако Путин е навистина сериозен за мировните преговори – иако се сомнева во тоа – треба да го покаже тоа со запирање на нападите врз Украина. Тој нагласи дека Европа мора да биде вклучена во какви било преговори, особено ако Трамп очекува европските сојузници да играат мировна улога во идните договори, како што предложи американскиот министер за одбрана Хегсет.

Писториус додаде дека ќе беше подобро САД да не направеа отстапки за Русија уште пред да започнат преговорите, мислејќи на прашањето за членството на Украина во НАТО и можните територијални загуби. Тој, исто така, предупреди дека брзото постигнување мировен договор нема нужно да ги отстрани сите грижи за сè поагресивната политика на Русија во регионот и нагласи дека Европејците нема да можат да си дозволат „да седат и да се релаксираат“.

Писториус повика на внимателен пристап во реакциите на најавата за мировни преговори, нагласувајќи дека Путин продолжува да ја провоцира Европа и останува закана. На прашањето кој треба да ја претставува Европа во евентуалните преговори, Писториус ја спомена можноста за учество на Германија, но додаде дека тоа е прашање за кое одлучуваат други – но тој инсистираше на тоа дека Европа мора да го има својот глас на преговарачката маса.

Текстот Германскиот министер за одбрана: Ќе беше подобро САД да не направеа отстапки пред почетокот на преговорите е превземен од МАКФАКС.



Слични Објави