Гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово ќе добие нов училишен објект, МОН и Владата ќе го решат деценискиот проблем на учениците и наставниците

/

Министерството за образование и наука и Владата ќе го решат деценискиот проблем со кој се соочуваат учениците и вработените во средното гимназиско училиште „Сами Фрашери“ во Куманово, а тоа непостоењето на содветен објект за квалитетна реализација на воспитно образовниот процес. Планирана е изградба на целосно ново училиште кое ќе се изгради за најмногу три години отсега и ќе чини околу 120 милиони денари.

На иницијатива на Министерството за образование и наука денеска Владата донесе одлука да се отпочнат актвности за изградба на целосно нов објект за СОУ „Сами Фрашери“ во Куманово, затоа што учениците со години посетуваат настава во адаптирани простории на ЗИК Куманово, кои воопшто не ги исполнуваат стандардите за реализација на образовната дејност во средно образование, а објектот нема ниту двор, така што учениците излегуваат директно на улица. Во овој објект, настава посетуваат и дел од учениците на ОСТУ „Наце Буѓони“.

Владината одлука предвидува средства во износ од 48 милиони денари во буџетот на МОН за 2023 година и дополнителни 70 милиони денари во 2024. Објектот ќе биде изграден на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, лоцирано во поранешната кумановска касарна.

Општина Куманово ја завршува процедурата за изработка на архитектонско урбанистички проект, а по одобрување на истиот ќе започне со изработка на основен проект за изградба на нов училишен објект. МОН ќе ја спроведе постапката за избор на економски оператор за изградба и надзор над градежните активности. Со тоа ќе се реши деценискиот проблем поради кој дел од младите во Куманово немаа квалитетна настава во училници какви што и заслужуваат.



Дополнително, за оваа општина со измени на програмите за капитални инвестиции на МОН годинава се обезбедуваат и околу 15 милиони денари со кои ќе се реконструира крвот на објектот во кој се лоцирани основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Петков Мисирков“ каде поради дотраеност при неповолни временски услови се попречува наставата. Постапката за избор на изведувач на градежните активности ќе започне следниот месец.

Министерството за образование и наука потврдува дека вложувањето во подобри инфраструктурни услови за образование е и ќе продолжи да биде еден од врвните приоритети. Потсетуваме дека буџетот за капитални инвестиции од година во година постојано расте со што се зголемуваат и можностите за инвестирање во изградба на нови и во реконструкција на што повеќе постојни училишни објекти.

И натаму предвидуваме еднаков третман на сите општини, односно секоја општина може до МОН да достави проект за изградба или реконструкција на училиште и по разгледување и рангирање на апликациите, се одбираат најприоритетните.

Претходна статија

Загина маж по судар на воз и автомобил во Гевгелија

Следна статија

Свикан итен состанок на Кризниот штаб на Град Скопје

Најново од Вести