ГЛАДИЈАТОРСКИТЕ БОРБИ СЕ ВРАЌААТ ВО СТОБИ ПРЕКУ НОВО ВИРТУЕЛНО ИСКУСТВО

Гладијаторски борби наскоро ќе може да се гледаат во археолошкиот локалитет Стоби, но не во живо, туку виртуелно. Ова ќе го овозможи првата апликација во нашата земја за виртуелно доживување на археолошки локалитет која посетителите ќе ги врати во минатото, во вториот век, при што тие ќе присуствуваат на виртуелна гладијаторска борба во театарот на Стоби.

Ова доживување е изработено преку проектот „Откривање на римскиот град Стоби – виртуелно искуство”, со цел да се зголеми неговата туристичка понуда.

Преку апликацијата за виртуелна реалност посетителите ќе добијат предно седиште во 3-Д реконструираниот театар и ќе ја доживеат гладијаторската борба како дел од публиката. Целото искуство ќе биде збогатено со автентичната атмосфера карактеристична за еден ваков настан.

Проектот е поддржан од Регионалниот совет за соработка и финансиран од Европска Унија, а го реализираат Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ од Скопје и Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби.