ГОРДАНА ВИНЧИЌ СЕ ВРАТИ ОД ЛИКОВНАТА КОЛОНИЈА ВО ХВАР И НАЈАВИ ИЗЛОЖБА СО ИГОР ЉУБОВЧЕВСКИ-ЉУБАЦ

Македонската ликовна уметничка Гордана Винчиќ пред неколку дена се врати од ликовната колонија во островот Хвар која се одржана во периодот од 1-11 октомври во Брусије.

Ја побаравме Гордана за да ни раскаже за ова ново искуство и за да разбереме кои се нејзините идни планови.

Таа ни раскажа дека за прв пат го посетила островот Хвар, којшто ја пленил со својата автентична природа. Гордана вели дека Хвар е место како нацртано за прошетки, мечтаења и влегување во една друга димензија на задоволство. Посебен впечаток и оставиле кристално чистата вода, подводниот свет, хварскиот мед и лаванда. Токму во тие убавини нашата пријателка ја нашла и главната инспирација како уметник.

„Оваа колонија се одликуваше со прекрасна дружба помеѓу уметниците учесници кои беа дојдени од Србија, Босна и Хрватска. Тоа за мене беа нови лица, извонредни таленти, веќе етаблирани во своите земји, кои секако беа инспиративни со својата вештина на работа но и познавање на симболиката во уметноста. Би ја издвоила дружбата со колегата Предраг Тодоровиќ од Белград кој покрај својот ликовен талент и пријатни карактерни особини, споделуваше извонредна песна, читаше поезија и кратки приказни со суштински пораки. Понекогаш навлегувавме во толкувањата, црпејки лични увиди и размисли“- изјави за нашиот портал Винчиќ.

Таа изрази голема благодарност до селекторот на ликовната колонија Мирослав Живковиќ – Сире, главен уредник на Галерија РТС во Белград, за неговата професионалност и организација и до домаќините на колонијата Јосипа и Предраг Мандлбаум, кои се погрижиле престојот на уметниците да биде повеќе од удобен.

Гордана ни ја најави и својата заедничка изложба со нејзиниот колега Игор Љубовчевски-Љубац, којашто треба да се одржи во Шведска, во декември годинава.



Слични Објави