„ГОТВАЧОТ НА ПУТИН“ СЕ ЗАКАНИ ДЕКА ФИНАНСИСКИ ЌЕ ГО УНИШТИ АЛЕКСЕЈ НАВАЛНИ
„Готвачот на Путин“, не говори често пред медиумите, но кога ќе го направи тоа, секогаш кажува нешто интересно. Во изјава објавена од неговата компанија за кетеринг „Конкорд“, која ја обезбедува храната за Кремљ и руската армија, бизнисменот Евгениј Пригожин вели дека дал збор дека ќе финансиски ќе го уништи рускиот опозиционер Алексеј Навални.
Навални и неговата соработничка Љубов Собол беа осудени за клевета од прехранбениот комбинат „Московски школник“, откако објавија видео со истражувачка сторија за компанијата.
Навални, Собол и нивната невладина организација „Фондација за борба со корупцијата“ (ФКБ), треба да исплатат 88 милиони рубљи (1,2 милиони долари) на „Московски школник“ бидејќи нанеле нематеријална штета врз доброто име на компанијата.
Од изјавата на Пригожин станува јасно дека неговата компанија „Конкорд“ го откупила овој долг и сега Навални парите треба да ги исплати парите лично на еден од најблиските луѓе на Путин.
„Готвачот на Путин“ вели уште дека неговите адвокати „работат за промена во законодавството поврзана со наплатата на долговите“.
„Се надевам помните дека со новите измени во рускиот Устав, истиот има приоритет во меѓународното право“, вели Пригожин и додава: „Имам намера да ги симнам и последните алишта од грбовите на овие бескрупулозни луѓе!“
Самиот Пригожин тврди дека, ако Навални не се стабилизира и не се разбуди од коматозната состојба во која се наоѓа, нема да го бара долгот.
„Ако другарот Навални „ритне камбаната“ (умре), немам намера да го гонам повеќе во овој свет. Ќе ја одложам наплатата на долгот на неопределено време и ќе ги компензирам тие пари со моето задоволство“, вели Пригожин.
Бизнименот сепак додава дека, ако Навални остане жив, тој ќе ја сноси својата одговорност според целата строгост на руските закони.
Медиумската компанија РосБизнесКонсалтинг (РБК) ја побарала за коментар соработничката на Навални Љубов Собол, но таа „испратила текст, што бил полн со лични навреди кон Пригожин и истиот не можело да биде објавен“, пишуваат од РБК.
Самото истражување на ФБК покажува како „Московски школник“ е поврзана со Пригожин (самиот тој го негира тоа) и е монополист на пазарот со храна за училиштата во Москва. Од истражувачката сторија на ФКБ станува јасно дека храната набавувана од компанијата е со лош квалитет и дури предизвикала труење кај неколку деца кои завршиле во болница.
Пред камерата на ФКБ, поранешната вработена во „Московски школник“, Наталија Шилова раскажува за шемите со лошата храна што оди во училиштата и детските градинки на Москва.
„Московски школник“ ја тужеше ФКБ за клевета и сега токму тие пари Пригожин треба да ги добие од Навални, ако истиот се разбуди од комата во која се наоѓа.
Пригожин е дел од најблискиот круг на претседателот Владимир Путин. Го нарекуваат „Готвачот на Путин“ затоа што ги има сите договори за набавка за храна и кетеринг за Кремљ и руската армија.
„Готвачот“ стана познат откако американската влада го поврза со т.нар. фарми за тролови, што беа особено активни за време на претседателските избори во САД во 2016 г.
Одредени истраги го поврзуваат и со најголемата приватна војска во Русија „Вагнер“.
Пред извесно време конекцијата меѓу Пригожин, Кремљ и „Вагнер“ беа потврдени во истрага на Bellingcat и Der Spiegel. Од истрагата на колегите станува јасно дека Пригожин бил во редовна комуникација со лица од Кремљ и командири на „Вагнер“.
Од информациите до кои стасуваат новинарите од Belingcat и Der Spiegel станува јасно дека во крајот на 2013 г. и почетокот на 2014 г. период во којшто се прошируваат т.нар. фарми за тролови, Пригожин зборува или си испраќа пораки со речиси целото раководство на администрацијата на Путин, висши раководители во службите за внатрешна безбедност и во Министерството за одбрана. Пригожин комуницира со лица раководители на оддели кои немаат речиси никаква врска со набавката на храна во Кремљ или армијата.
Според Bellingcat, Пригожин најчесто комуницирал со Дмитриј Песков – советник и портпарол на Путин. Двајцата биле во директна комуникација дури 144 пати во овој период од време.
Новинарите откриваат и маж наречен „Мазај“, кој според нив бил врската меѓу луѓето на Пригожин, Министерството на одбраната и командирите на „Вагнер“, кои во овој период биле на терен во Африка.
Позади називот „Мазај“ или „Полковникот“ стои Константин Малофеев, кој во моментот е најважниот човек на Кремљ во Африка.
Во однос на Навални тој продолжува да се наоѓа во стабилна но критична состојба во берлинската болница „Шарите“. Лекарите потврдија дека тој е отруен, но се оптимисти и веруваат дека ќе се исправи на нозе.
Според руската Државна дума, Навални е отруен од трета земја за да се створи напон во Русија и за да не може Кремљ да му помогне на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко кој се соочува со сериозни проблеми и протести на опозицијата.