Градоначалниците на ДПМНЕ не преземаат ништо против загадениот воздух во Скопје, велат од СДСМ
Граѓаните на Скопје дишат загаден воздух, а градоначалниците на ДПМНЕ не преземаат ништо.
Освен мнозинство во Советот на Град Скопје, ДПМНЕ има над 500 члена во управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, истакнуваат од СДСМ.
„ДПМНЕ има градоначалници во Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Ѓорче Петров, а никој од нив нема ништо преземено иако помина половина од нивниот мандат.
Буквално ништо не презеде ДПМНЕ против загадениот воздух. Нема нови зелени површини, нема нови дрвја. Не се чистат депониите, не се чистат улиците, нема никакви еколошки проекти, не се инвестира во заштита на животната средина, туку парите постојано се намалуваат“, се истакнува во нивната реакција.
Оценуваат дека нема мерки ниту за намалување на тековното загадување ниту, пак, долгорочни решенија за справување со загадувањето во Скопје.
„Градоначалниците на ДПМНЕ во Скопје ги интересираат тендери, провизии, скапи часовници, а граѓаните им се на последно место“, додаваат од СДСМ.

