| |

Грција ќе распореди систем „Патриот“ и два авиони ловци Ф-16 како поддршка на противракетната одбрана на Бугарија

Грција ќе распореди батерија од системот „Патриот“ и двa авиони ловци Ф-16 како поддршка на противракетната одбрана на Бугарија. Ова го соопшти грчкиот министер за национална одбрана Никос Дендијас по нов разговор со неговиот бугарски колега Атанас Запрјанов, објави грчкиот медиум „Прото тема“, пренесува БГНЕС.

Одлуката е донесена од Владиниот совет за надворешна политика и одбрана на Грција (КИСЕА). Во рамките на преземените мерки ќе бидат испратени и двајца високи офицери од грчките воздухопловни сили во Оперативниот центар на бугарските вооружени сили во Софија.

„Вчера и денеска разговарав со министерот за одбрана на Бугарија Атанас Запрјанов. По барање упатено вчера од бугарска страна, денес имав можност да го информирам дека Грција ќе обезбеди средства и персонал за заштита на Бугарија. Поточно, по одлука на КИСЕА, во рамките на следните часови во соодветна област во северниот дел на грчката територија ќе биде префрлена батерија PATRIOT за противракетно покритие на голем дел од територијата на Бугарија. Исто така, двојка ловци Ф-16 се префрла на аеродром во Северна Грција со единствена мисија да обезбеди дополнителна одбрана на Бугарија“, истакна Дендијас.

Дополнително, за ефикасна координација се испраќаат двајца високи офицери од Военото воздухопловство во Оперативниот центар на бугарските вооружени сили во Софија.

„Сакам да биде јасно дека горенаведените активности се преземени по барање од Бугарија — држава членка на НАТО и на Европската Унија — и на никаков начин не ја засегаат способноста за противракетна одбрана на грчката територија. Дополнително, следната недела, по покана на мојот бугарски колега, ќе ја посетам Софија“, додаде министерот.



Слични Објави