|

Груби доби нов противник: Тргнете го настрана од коридорите, со него ја потврдувате корумпираноста

Од Демократскиот сојуз сметаат дека поставувањето на Артан Груби за координатор за спроведување на градежните активности на коридорите 8 и 10д, за што граѓаните ќе одвојат над 1,6 милијарди евра, само ги потврдува сомнежите за корумпираниста на власта во целина и подготовка за грабеж со огромни димензии.

„ Повеќе медиуми, политички партии, ДКСК, Јавното обвинителство, како и невладиниот сектор и експертите искажаа сериозни сомнежи за корупција при изборот на надзорот над спроведувањето на градежните активности од „Бехтел И Енка“ на коридорите 8 и 10 д, како и на целокупниот процес каде со тимот за подготовка на проектот раководеше Артан Груби“ велат од партијата.

Оттаму го повикаа премиерот Димитар Ковачевски да ја преиспита и да ја повлече одлуката за назначување на Артан Груби за координатор на проектот.

Исто така, бараат од државните институции да го истражат овој проект и коруптивните елементи поврзани со него и да отворат кривично правен процес против инволвираните во криминал.

„ Инсистираме Државниот завод за ревизија да направи вонреден надзор и да ги провери сите досегашни активности на власта поврзани со коридорите 8 и 10 д, како и проектот во целина и вклучувањето на „Бехтел И Енка“, со директна спогодба.

Тоа го бараме за да се спречи грабеж и по којзнае кој пат да не се повтори поговорката „Кучињата лаат, а караванот си врви”“ порачаа од Демократскиот сојуз.

Слични Објави