ХРВАТОТ ШТО МОЖЕШЕ ДА СТАНЕ НАЈГОЛЕМИОТ ФУДБАЛСКИ ТРЕНЕР, НО НЕ УСПЕА ЗАРАДИ АЛКОХОЛОТ

Бранко Зебец заслужува да остане во историјата како еден од најголемите тренери на своето време, но неговото име и денеска е речиси непознато.

Родениот во Загреб, фудбалски стратег е генијалец со уникатни идеи за овој спорт. Тој е човекот што го води Баерн Минхен до првата титла на клубот во Бундеслигата, а 10 години подоцна го прави истото и со Хамбургер.

Големиот германски фудбалер Паул Брајтнер го нарекува најдобриот тренер со кого некогаш имал работено.

Историјата на Бранко Зебец е трагична. Тој е комплицирана личност со цврст карактер, самиот се определува како диктатор, но за жал не успева да се пребори со своите лични проблеми.

„Придонесот на Зебец кон Баерн е огромен. Тој ги постави темелите на тимот и го нареди меѓу најголемите во Европа. Тој беше најдобриот тактичар“, вели за Зебец, легендарниот голман на Баварците Сеп Маер.

Во годините пред доаѓањето на Зебец начело на Баерн Минхен, тимот не е меѓу најдобрите во Германија. Последен пат баварците славиле со титулата во далечната 1932 г. Се сѐ менува откако на клупата на тимот не се појавува еден млад Хрват кој има многу интересни визии за тоа како треба да изгледа Баерн во тоа време.

Зебец е препорачан за менаџер на Баерн од својот претходник Златко Чајковски. Двајцата биле дел од југословенската фудбалска репрезентација во 50-тите години на минатиот век.

Претседателот на клубот Вилхелм Нојдекер верува дека на Баерн му треба менаџер со многу цврст карактер, а токму таков е самиот Зебец.

Хрватот воведува брзи и одлучни промени во тимот. Тој го воведува стилот на игра со задржување на топката преку додавања, што се смета за претходник на тики-така.

За Бранко Зебец одбраната е поважна од нападот и затоа неговиот Баерн негува одбранбен фудбал, но тоа не му пречи на Хрватот да го извлече најдоброто од легендарниот германски бомбардер Герд Милер кој во сезоната 1968/69 успева да погоди 30 пати во 30 натпревари.

Титулата е усвоена со убедлива предност од 8 бода пред вториот Аахен, а најинтересниот факт е дека Зебец користи само 13 фудбалери во текот на целата сезона.

Тренинзите што ги води Зебец, наликуваат на воена подготовка. Фудбалерите трчаат десетици километри без разлика на климатските услови.

Во тие години многу тренери сакале да пивнат малку повеќе и затоа никој не посветил поголемо внимание на љубовта на Зебец кон алкохолот. Тој пиел сѐ од пиво до рум.

Позади неговиот грб го нарекувале Фернет-Бранко, игра на зборови со познатиот италијански бренд „Фернет-Бранка“.

По операција на панкреасот на Зебец му е забрането да пие било каков алкохол, но тој не прекинува.

„Го почитувавме, без разлика дали беше пијан или трезен“, вели Паул Брајтнер, кој играл под раководството на тренерот во Ајнтрахт Брауншвајг.

„Имав среќа да работам со големи специјалисти како Миљан Миљаниќ и Удо Лакет, но Зебец беше подобар од нив. Бекенбауер и Зебец ќе ви го кажат истото. Бранко беше строг, но коректен и чесен човек. Не правеше разлика меѓу големите ѕвезди и младите играчи. Беше диктатор, но беше и добар човек. Беше луд на некаков симпатичен начин. Бранко беше различен и интересен, а јас сакам такви луѓе. Сите знаевме за неговиот проблем со алкохолот но не беше наша работа да му се мешаме“, додава Брајтнер.

Зебец е отпуштен од тренерската позиција во Баерн во 1970 г. Причината не е во неговата зависност од алкохолот, туку во неговата манија да раководи со сѐ во клубот и во тешката работа со претседателот Нојдекер и директорот на клубот Роберт Шван.

По двата сезона во Баерн, Зебец има кратка авантура во Штутгард, а потоа успева да го претвори скромниот тим на Ајнтрахт Брауншвајг во сериозен тим кој може да мери сили со најголемите клубови во Германија.

Во 1978 г. Зебец застанува начело на Хамбургер. Во тоа време тимот се наоѓа во голема криза, а ѕвездата на тимот, легендата на Ливерпул Кевин Киган сака да го напушти клубот.

Зебец го препородова тимот и Хамбургер станува првак на Германија за прв пат во својата историја, а Киган го добива призот за најдобар стрелец на првенството со 17 голови.

„Тогаш никој не знаеше што ќе се случи. Некои дури се плашеа дека ќе испаднеме, дури најголемите оптимисти од фановите на нашиот тим, не помислуваа дека е можно да станеме шампиони“, вели познатиот германски тренер Феликс Магат, кој во тоа време е плејмејкер во тимот на Зебец.

„Бранко беше главната причина за нашиот успех. Тој нѐ научи како да играме за победа. Беше многу интелигентен и нѐ претвори од просечен тим во еден од најдобрите фудбалски екипи во Европа“, додава Магат.

Во втората година начело на Хамбургер, Зебец го изведува тимот до финалето на тогашниот Куп на европските прваци, каде губи несреќно од Нотингем Форест воден во тоа време од друго голем тренер, а имено Брајан Клаф.

Нешто незамисливо се случува 4 дена пред финалето во Европа. Хамбургер гостува Борусија во Дортмунд. Зебец не патува со неговите момци бидејќи претходната вечер се испијанил и се успал. Откако се разбудува, тој се качува на својот автомобил и тргнува за Дортмунд. Го запира полиција и дрегерот покажува 3, 25 промили во крвта. Колата на Зебец е одземена, а тој со такси заминува за Дортмунд. Тоа е голема грешка бидејќи подоцна за време на самиот натпревар Зебец заспива на клупата. Сите дознаваат за големиот проблем со алкохолот на генијалниот тренер.

Раководството на Хамбургер го предупредува дека ќе го раскине неговиот договор но Зебец продолжува да пие.

Во декември 1980 г. Бранко Зебец е отпуштен од тренерската позиција во Хамбургер.

По Хамбургер, Зебец ги води екипите на Борусија Дортмунд и Ајнтрахт од Франкфурт. Со Борусија и покрај кризата во тимот, успева да го заземе 6-тото место на табелата. Ајнтрахт од Франкфурт е последниот германски тим воден од генијалниот Хрват. Токму по загуба од Херта, Зебец кој го проспал целиот меч, е завиткан во тепих и однесен во автобусот на Ајнтрахт со цел да не се крене поголем скандал.

Да, на токму таков небулозен начин завршува големата тренерска кариера на Бранко Зебец. Завиткан во тепих и качен тајно на автобусот на својот тим.

Феликс Магат кој станува два пати првак како тренер на Баерн и еднаш со Волфсбург вели дека го должи својот успех Бранко Зебец.

За жал хрватот не успева да ги види тренерските успеси на својот играч Феликс. Зебец умира во 1988 г. на 59 г. победен од единствениот ривал од кој секогаш се плашел-алкохолот.