И владиката Петар ќе се закити со орден – ем ревносен на верата, ем национален стожер
Пишува: Религија.мк
Општина Прилеп ќе го одликува владиката Петар со „наградата за животно дело-Златна плакета 3-ти Ноември“ – Денот на ослободувањето на Прилеп.
Една од најконтроверзните личности во МПЦ-ОА, ќе добие општинско признание, за како што стои во образложението – огромна ревност и оданост за верата. Вториот критериум за кој општина Прилеп одлучила да го одликува е што тој „секогаш стоел и стои на браникот на националните интереси на нашата држава Македонија и православниот народ во неа“.
Наградата ќе му биде врачена на денот на ослободувањето на Прилеп.
Интересно, но општинската комисија за награди од Прилеп, треба сериозно да образложи кои се вредносните критериуми по кои ја мерела „огромната ревност и оданост за верата“.
Владиката Петар во својата истрија во Црквата е познат само по конфликти и кавги. Дали одданост на верата и ревност е прогонот што го правеше против Владиката Кирил? Дали одданост на верата е неговиот кочијашки речник во настапите по медиумите и клеветничките испади против своите браќа архијереи? Колкава е оданоста на верата и ревноста кон нејзе кога ги затвораше црковните двери за да не може некој достоинствено да ги испрати своите родители на оној свет? Оданост на верата ли е да не ја потпишете одлуката за избор на Архиепископ, само затоа што Вие не сте седнале на Тронот? И редица други прашања.
Вториот критериум – стојач на браникот на националните интереси на државата, веројатно воопшто не е критериум за награда на едно црковно лице, но и овде дали комисијата на пример го имала предвид односот на владиката Петар кон македонското црковно прашање, од Нишкиот договор, па се до денешното, како вели сам: „Осечам се боље са Вама, него са моим доле“… Национален интерес ли е да предлагате име „Северномакедонска православна црква“? Што има национално во тоа да МПЦ-ОА ја држите во изолација и предмет на инетрес на Руската црква? Има тука уште многу теми околу „националните штитења“, особено познати од последната година.
Но, ако наградата е доделена заради добро испеаната „Послушајте патриоти“, тогаш таа е заслужена…
