| |

И ВО ЕУ ЌЕ ПРАВИМЕ АЈВАР, ЌЕ ПИЕМЕ РАКИЈА И ЌЕ ЗБОРУВАМЕ МАКЕДОНСКИ!

И во ЕУ ќе правиме ајвар, ќе пиеме ракија и ќе зборуваме македонски! Скептиците по прашањето на иднината на Макекдонија во Европската унија, за да го поткрепат својот скептицизам, пласираат некои измислени приказни и со тоа, демек, сугерираат дека Македонија не треба да влезе во ЕУ. Дека со влегувањето губи, не само самостојноста, туку и многу традиционални навики, како правењето ајвар, колењето прасе, биењето на камбаните и слични небулози.

Обично, скептици се луѓе што никогаш не биле во земјите на ЕУ, или ако биле не донеле ништо од таму, ниту во културолошка смисла, ниту како фасцинација од сите тие убавини. Затоа што еноставно балканското перде им ја има убиено моќта на забележување и моќта да се препознае убавината.

За нив е сеедно дали европските улици се чисти, дали се почитуваат сообраќајните правила, дали се почитува редот, дали се дава предност на пешакот, дали услугите се брзи и ефикасни, дали возовите доцнат итн. Не, тоа не се забележува. Само тврдоглаво се вергла: „Што бараме во ЕУ, таа скоро ќе се распадне, а и ќе ни наметне други животни навики“.

Толкувањата на „пазарот рекла-казала“

Текстов што следува е дел од поголем текст што се наоѓа на страницата на Секретаријатот за европски прашања.  Достапен е за секого и е многу интресен, едукативен дури и занимлив. Од него ќе пренесеме неколку извадоци. Толкувањата на „пазарот рекла-казала“ се:

  1. Малите праски нема да можат да се продаваат

Не е точно!

Праските произведени на органски начин вообичаено се помали од оние што се произведуваат на модерен начин. Но, производството на органски праски нема да запре и уште повеќе, тенденцијата на ЕУ е да го поддржува органскиот начин на производство.

Единствено праските, што се небезбедни за исхрана (вообичаено тие се ситни и незрели), треба да останат надвор од пазарите. И досега македонските закони налагаа производство и продажба на исклучиво здрави производи за исхрана. А влезот во Унијата, секако, значи и зајакнати стандарди за квалитетот на храната, со цел зголемување на квалитетот на животот за жителите на големото европско семејство.

  1. Ќе се плаќа посебен данок за секоја мобилна и фиксна телефонска линија

Не е точно!

ЕУ воопшто не планира да воведува ваков или сличен данок. Пред извесно време Европската комисија направи истражување за наоѓање нови извори за заедничкиот буџет. Беше заклучено дека ваквиот вид на данок не е потребен и дека сегашните извори на заедничкиот буџет се доволни.

  1. Мртвите животни мораат да се изгорат пред да бидат закнпани

Не е точно!

Европската унија, во „Директивата за животински отпад“, наведува т.н. „случаи на висок ризик “, односно дека само животните со опасни болести мора да бидат изгорени за да бидат отстранети патогените организми, а потоа закопани. Ова е така, бидејќи не така одамна, во некои од земјите-членки се појавија сериозни болести кај животните, како што се: кравјото лудило, птичјиот грип и слично. Ако мртвите животни, заразени од опасни болести, не би биле соодветно третирани пред нивното закопување, постои реална опасност вирусите што се наоѓаат во нив повторно да заразат други животни, но исто така и човековото тело.

  1. Биењето на камбаните и пеењето на поповите и на оџите ќе биде забрането

Не е точно!

Вревата е една од категориите што им пречи на сите граѓани, повеќе или помалку, во овој или оној период од денот. Поради тоа, во Унијата има ригорозни прописи за заштита од бучава. Но, под терминот бучава, Унијата не ги подразбира и верските потреби на граѓаните. Првенствено тука доаѓа бучавата од автомобилите, разните градежни машини како и бучавата на која се изложени работниците на работните места.

Извршувањето на верските обреди, не само што не е забрането, туку и во самите темелни вредности на Унијата се наоѓаат верските права и слободи, како дел од човековите права и слободи.

(Целиот напис прочитајте го овде)

Автор: Бране Стефановски



Слични Објави