Идентитетот ќе го сочуваме, туку што потоа?
„Патриотизам е да ја поддржуваш државата постојано, Владата само ако залсужи“ – Марк Твен
Само бројот на амандманите поднесени до Собранието од ВМРО- ДПМНЕ за Законот за јазици е поголем од оној на писмата со кои разни сенашински, севселенски, оригинал-македонски здруженија ми го бомбардираат сандачето деновиве. Желбата за душевен мир попушти пред пустата љубопитност, па морам да признаам дека ги прочитав сите до едно. Долга е раката на нивниот идеен творец, па станува збор за друштва распослани низ целата земјина топка. Низ сите светски метрополи граѓани кои себеси се нарекуваат бранители на македонштината, името на државата и нејзиниот јазик, протестираат и преку двојазични пароли (на македонски и на јазикот на државата каде се наоѓаат) бараат ни помалку ни повеќе туку – стоп за преговорите за името и за законот за јазици и поништување на сите договори и закони донесени од новата власт. Значи – откако ја нема партијата која според нив изгледа имаше ексклузивно право и да преговара за името и да менува закони за употреба на јазици.
Но, тоа не е се – овие друштва, понатаму, бараат предвремени парламентарни избори, такви на какви што ги научија, и за крај, последно, но не помалку смешно – тие замислете бараат попис. Веројатно, оти единствен попис што не се одржа во историјата на независна Р. Македонија е оној што требаше да го спроведе токму партијата во чие владеење нивното задгранично дејствување беше ставено во мирување.
Барањата не им се само надвор од памет и од реална политика, туку се и надвор од основните правописни и граматички правила, па фактот што создава болка – дека низ светов јазикот ни го бранат оние кои не го владеат, наметнува и прашање – колку и како тие ја доживуваат и самата македонштина, според која си земаат право да шират омраза кон сопствениот народ, да дефинираат предавници, да фрлаат клетви и најбитно – да ги саботираат во историски моменти неговите напори да крене глава од неволјите произведени токму од нивните идеолошки водачи!?
Ваквите квази-патриотски собиранки веројатно би останале на маргините и на јавниот интерес и на општествените случувања, да не се јавуваат во еден сериозен политички момент со мошне опасна цел – пропаганда и манипулација на искрените национални чувства на Македонецот. И тоа не на оној Македонец во Рим, Њујорк, Берлин или Париз, туку на овој овде, во нашиве села и градови, овој којшто живурка според рамките на македонскиот правен, здравствен, образовен, културен, еколошки и.т.н, и.т.н систем.
Пред да рипнете со заклучоци дека оваа колумна има цел да пропагира предавство на исконските, историски заложби за кои гинеле нашите предци, промена на името и идентитетот, газење на јазикот и што и да ви паѓа на памет во оваа популарна насока (не сум толку инвентивна), веднаш да кажам дека целта и е сосема спротивна – што значи дека и јас сосе колумнава се залагам за спас на Македонија, оти и јас потполно се согласувам дека државата ни е нападната со цел – нејзино разнебитување. Нападната е и однадвор и одвнатре. Но, за разлика од демонстрантиве и на ним сличните, јас на друго место ги лоцирам и напаѓачите, а поинаку ја замислувам и борбата со нив.
Ајде со ред…
Најавите дека е можно скоро решение на спорот за името (медијаторот Нимиц во Скопје дури лицитираше со временски рамки броејќи месеци) од една страна само ги возбудија силите (и тука и на југ) кои од петни жили работат со децении до решение да не дојде, а од друга ги поттикнаа стравовите кај граѓаните, дека евентуалното решение ќе им го одземе националниот идентитет, ќе ги обезличи, па утрото после постигнатиот компромис тие ќе се разбудат, кој знае како што, само сигурно веќе не како Македонци. Токму затоа, веројатно, министерот за надворешни работи, Никола Димитров почувствува потреба да ги вокализира одамна поставените македонски црвени линии во спорот па да се обиде да смири дека „идентитетот не може да биде предмет на преговори, оти е историски процес, а не политичка одлука и е прашање многу поголемо од актуелните политичари“. Би рекле што повеќе да каже умен човек на ова, но, треба да имаме предвид дека се работи за спор во којшто пропагандата одамна си ја заврши работата, ставајќи го Македонецот во една страшна состојба на хипохондрија, на еден кајно нереален страв дека ќе го изгуби она што не може да биде изгубено, а уште помалку променето, па затоа потребни се објаснувања, со цел ризик да бидат и преповторувања.
Прво, ние очигледно, имаме голем проблем со самото поимање на терминот национален идентитет. Која сакате дефиниција погледнете ја, од кој било учебник или автор, од која било држава во свет, секаде тој се дефинира како сложена компилација на државотворни елементи, како сплет на карактеристики, како збир на обичаи, културни обележја, но и политики и никаде, ама просто никаде не се врзува со еден единствен поим.
Што е всушност националниот идентитет и како тој зрачи денеска, во ова време на глобализација, во 21 век?
Многу едноставно – преку секој сегмент со којшто зрачи и нашата држава и дома и на светската сцена. Уште поедноставно – македонскиот идентитет денеска се цени преку рангирањата на Македонија на светските листи за почитување на човековите права и слободи; преку индексот на демократија; преку извештаите за состојбите со слободата на говор; преку оценките за состојбите во судството; преку решените случаи на корупција; преку бројот на починати бебиња и родилки; преку пристапот до лекови и здравствени услуги; преку формата на потрошувачката кошничка; преку просечната плата и сиромаштијата; преку невработеноста и оценките за непотизам; преку социјалната правда и грижата за ранливите категории; преку еколошките параметри; квалитет на воздух, вода, почва; преку состојбата со македонското земјоделство и индустрија; бројот на фабрики и на домашни инвестиции; преку структурата на извозот и на увозот; преку рангирањата на универзитетите и образовнието воопшто; преку бројот на Нобеловци, на светски признати научници и бројот на иновации, патенти и индустриски брендови; преку победите во спортот; преку културните и литературни великани; преку состојбата со лекторатите по македонски јазик низ светот; преку наградуваните музичари; преку филмови со светски престижни признанија; преку квалитетот на медиумски содржини и продукција; преку состојбата со македонскиот фолклор; преку грижата за нашите верски објекти, цркви, манастири, џамии и воопшто целото културно наследство; конечно преку бројот на исселени и ранг-листата за способност на земјата да ги задржи квалитетните кадри (Давос 2018)….
Дали некому не му е јасно дека сето ова сме ние и дека токму ова нам денеска не’ дефинира најмногу како Македонци!? Нашите перформанси како нација, нашите порази и успеси… Борбата во 21 век за национално светско признавање, за место под сонцето на светската политичка, економска и културна сцена, не се прави со кубури, нека не ве лажат на фејсбук или уште пострашно од Торонто или Сиднеј. Се прави со победи! Национални, домашни, големи победи… Нема подобра храна за еден идентитет. Особено, ако е нападнат. И ова нема врска со Грција. Не смее да има врска со Грција. Ниту може да има врска со Грција. Ни со Бугарија, ни со САД, ни со Индија или Шевдска или Тувалу… Идентитетот, нашиот идентитет, просто, по законите на нешатата не може да биде тема на која било друга држава. Оти е наш. И гордост и проблем. Наш си е.
И токму затоа, спорот со Грција е најмалиот проблем што оваа држава го има. Оти она што сите треба да не загрижи кога зборуваме за „непријатели“, а уште повеќе за уништување е огледалото. Непријателот е тука, меѓу нас, скриен во фотелјите на Парламентот, на Владата, на сите органи на централната и локална управа, скриен меѓу лажни величини во сите општествени сфери, скриен во „добронамерните“ дежурни експерти, и тоа како скриен во разни „патриоти“ и бранители, во сите тие неуморни борци за кочење на секаков напредок, во сите оние ликови на кои не им одговара една Европска модерна Македонија, оти се неспособни, неконкурентни, оти просперираат само како што може да се просперира во земји како оваа… Тие се нашите непријатели број еден. И тие се главните агресори кон нашиот идентитет, оти за нив ништо не е свето, ни име, ни јазик, ни територија, ни култура, ни традиција, тие само ги користат овие, за сите нас значајни поими, за да си туркаат сопствена агенда користејќи го нашиот страв. Препознајте ги, најчесто токму тие се најгласните обожаватели на државата и идентитетот или пак, на другата страна тие се пијавици, крлежи напикани во власта, и нам ни претстои еден долг процес на нивно отстранување, а воедно и на редефинирање на државните приоритети, на поставување на столбови, на институции, на градење на една моќна држава… Тука е борбата народе македонски. Тука е борбата за зачувување и оправање на државата, испокрадена и уништена не од Грци, туку од нас самите. И таа, како што гледаме, тешко оди.
Токму затоа, колку и да звучи лудо, проблемот со Грција е најмалиот што го имаме, но истовремено, тој е најзначајниот и најприорететен за решавање, од проста причина што ние денеска немаме сили овие реформи да ги водиме сами и неопходна ни е помош од нашите странски пријатели. Без интеграциските процеси, сите проблеми во сите сфери само ќе се продлабочуваат, а и национализмот дома ќе расте. И поголема опасност за државата и граѓаните од тоа нема.
Значи решение е неопходно, а во моментиве неопходна е и поддршка кон македонскиот тим и доверба кога тие јасно ги дефинираат македонските позиции. Невидената фашистичка хистерија и разбудена агресивност во Грција е само доказ дека сме на прав пат. Македонија се врати во игра и за оваа наша тактика на модерна, отворена политика, политика на подадени раце и градење пријателства, Атина нема соодветна стратегија. Долги години на југ уживаа во позицијата што од Македонија (свесно) им беше обезбедена, позиција на волк во јагнешка кожа, вадејќи на маса докази за „недобрососедска политика“. Сега тие аргументи им се одземаат и Македонија само си ја зајакнува позицијата во процесот на барање на решение на спорот што ни е пречка во развојот.
Спорот од чие затворање треба да сме умни и да искористиме максимум. Какви се тие стравови дека ќе престанеме да бидеме Македонци? Па ние сме биле Македонци и сме останале низ многу пострашни времиња, низ далеку понецивилизирани меѓудржавни односи и европски и светски истории, низ многу крв и жртви… Каква е оваа недоверба кон себеси? Какви се воопшто овие теми? За ова разговараат токму само луѓе несигурни во сопственото јас, во нивниот и личен и национален идентитет. Нели е срамно наш министер среде Скопје да мора да кажува „не се плашете, не преговараме за идентиетот“!? Како воошто некој може да се дрзне да праша дали една таква длабока емоција, плод на една историска генеза, една таква филозофска компилација е тема со Грција? Небаре е кошничка со јаболки… Ние треба да престанеме да се фаќаме на таа јадица, на тоа оро и музика што ни ја свират. Нели е прозирно дека целта на гнасната пропаганда е токму ова, дека со секој текст, протест, патетика всушност сакаат да ја отворат замката и да не навлечат на тој терен? Дека во длабока суштина тие ги засилуваат грчките позиции, дека (некои и несвесно) одработуваат за другата страна?
На секој којшто има и мали познавања од областа на политика, дипломатијата и преговорите ова му е јасно како ден уште одамна, но после толку потрошени години, после толку години на економски порази, на културни и политички катастрофи, години на невидени корупциски, судски, здравствени, еколошки и образовни скандали, толку сме веројатно сите политички умни, толку белким научивме за да сфатиме дека поопасен од непријателот е само лажниот пријател.
Автор: Катарина Синадиновска
Извор: Капитал

