Игор Џамбазов меѓу комитите и „партиџаните“

///

Пишува: Атанас Величков

Пред речиси една недела познатиот македонски шоумен Игор Џамбазов, останат во историјата со улогата на Трајче Дрварчето и извикот „Натали, дај му на човекот“, одлучи на не многу инвентивен, но според него најверојатно „уметнички“ начин индиректно да ги нарече фашисти бугарскиот премиер Кирил Петков, неговиот колега шоумен и политичар Слави Трифонов и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.

Џамбазов ги внесе имињата на спомнатите бугарски политичари во италијанската партизанска песна „Bella Ciao“ пеејќи „Партиџано, тоа сме ние, вие сте тие другите. Слави Трифонов и Кирил Петков, о бела чао, бела чао…“

Уметноста трпи се, па дури и такви евтини пропагандистички испади од страна на потомци на докажани културни дејатели.

Овој текст не е осуда за ликот, познат и по тоа што пред 20-на години „убаво му кажал на Слави Трифонов“, додека последниот му беше домаќин во сопственото шоу. Џамбазов е далеку поталентиран од Трифонов, ќе рече македонската публика што не видела нешто посмешно од „Курсаџије“ и нешто поуметничко издржано од „Никад није касно“. Принудени сме да веруваме во тие „експертски“ мислења. Се разбира Трифонов не напишал книги за тоа како се криел од лихвари, заради коцкарски долгови, но тоа е уште еден поен во салдото на Џамбазов- освен пејач, шоумен и забавувач, тој е и подобар писател од Трифонов.

Не би било лошо Џамбазов да внимава кога се расфрла со епитетите партизани и фашисти. Познато е дека неговиот дедо Петре бил дел од трупата на Партизанскиот театар „Кочо Рацин“ кој подоцна прераснува во Македонскиот народен театар, но исто така се знае дека истиот врвен македонски актер, глумел и во Скопскиот народен театар, создаден во 1941 г. од „бугарскиот фашистички окупатор“. Режисер во овој театар бил легендарниот бугарски театарски педагог и професор по актерско мајсторство Стефан С’рчаџиев (роден во Ќустендил со предци-бежанцѝ од Македонија). Џамбазов сигурно го слушнал тоа име од неговиот дедо Петре.

Во овој напис да обрнеме повеќе внимание на еден друг предок на шоуменот Џамбазов, а имено Диме Иванов Прличков од Велес.

Диме Иванов Прличков е роден во 1857 г. во Велес, учествувал во Македоно-Одринската организација, што е потврдено од сведоците- тројца видни велешани Милан Јорданов Гајдов (најверојатно предок на познатиот меѓународен аналитичар Љубомир Гајдов), Диме Сребров и Коце Бошнаков или Богданов ( и двете велешки семејства биле активни по линијата на ВМРО). Потврдата на горенаведените му била потребна на Диме Прличков за да поднесе барање за бугарска пензија како учесник во револуционерните борби од 1895 г. и како „добър българин и деец на българската кауза за освобождението на Македония“. Барањето е поднесено на 25 III 1943 г., потоа Прличков добил и потврда од велешкото друштво „Илинден“ со датум 30 III 1943 г., а пензијата од страна на „бугарскиот фашистички окупатор“ му била одобрена од 30 IV 1943 г.

Сите овие документи можат да се видат во архивите на Бугарија, во нивниот оригинален вид.



Прашањето е дали Диме Иванов Прличков му е прадедо на Игор Џамбазов? Тоа најдобро го знае самиот „партиџан“, но не веруваме дека ќе одговори на истото. Сепак, како и да одговори, Прличкови се единствени.

Што знаеме за потомците на Диме, кој како „деец на българската кауза за освобождението на Македония“ бил примател на бугарска пензија.

Од потврдата на Велешката градска општина станува јасно дека Диме Иванов Прличков, роден во 1857 г. е сопруг на Марија родена во 1877, татко на Петар, роден 1911 г. и дедо на Јордан и Сута родени соодветно во 1934 г. и 1942 г.

Сите знаеме дека покојната мајка на Игор Џамбазов, големата македонска актерка Анче Џамбазова е родена токму во 1942 г., но нејзиното име и името на внуката на Диме Прличков не совпаѓаат. Токму затоа рековме дека само Игор Џамбазов знае дали имал дедо корисник на фашистичка пензија.

Дали Петар, синот на Диме, роден во 1911 г. според потврдата од Велешката општина, е големиот македонски актер Петре Прличко, исто така не можеме да тврдиме со сигурност. Според официјалните податоци Петре Прличко е роден на 13 март 1907 г. во Велес, иако самиот Џамбазов во неговиот бестселер „Облечен човек“ ќе напише дека неговиот дедо Петре не знаел кога точно е роден, бидејќи за време на Првата светска војна целата архива на градот Велес изгорела и никој од тоа време не си го знаел датумот на раѓање.

За да бидеме докрај коректни, ќе го наречеме комитата Диме Прличков само предок на „партиџанот“ Џамбазов.

Пазете кого нарекувате фашисти (макар и индиректно) драги „партиџани“, ги има речиси сите ваши дедовци на списоци во архивата во Софија како барале пензии, како добри Бугари и активни дејци во борбите за бугарската кауза и ослободувањето на Македонија. Ги има и како носители на ордени и признанија од сите бугарски власти, царски, „фашистички“, а Бога ми и комунистички. Ова ви е пријателски совет од еден „маченик“ што ги поминал сите ваши напори за сопствено самоосознавање.

Претходна статија

Бугарски научници и општественици со платформа „За Македонија“ во одбрана на бугарските национални интереси

Следна статија

„Не ја предавај Македонија“- Протест на ВМРО-БНД во Софија

Најново од Истакнато