ИЈЗ: ЗА 73% НАМАЛЕНА БРОЈКАТА НА ЗАРАЗЕНИ СО СЕЗОНСКИ ГРИП
За 73 проценти е намалена бројката на заболени од грип годинава во споредба со лани. Сезонава вкупно 433 лица заболеле од грип. Според здравствените власти драстичното намалување на болни од грип се должи поради мерките за заштита од коронавирусот како што се маските, дистанцата и забраните за групирање…
Според податоците на Институтот за јавно здравје, најголемиот број на лица кои годинава фатиле грип се на возраст од 15 до 64 години, а највисоката инциденца се регистрира кај децата до 4 годишна возраст.
Раст на бројот на заболени од грип е забележан во втората недела од јануари. Пријавени се 36 случаи на заболени, што е повеќе во споредба со пред таа недела кога биле регистрирани 18.
Од институтот за јавно здравје инфомираат дека 37.870 веќе примиле бесплатна вакцина против сезонскиот грип, од кои 28.724 вакцини примиле лицата од ризичните категории, а близу 6.000 се дадени на здравствените установи и истите се аплицирани на здравствени работници и вработени во здравствените установи.
Од институтот велат дека дел од вакцините се дадени и во дијализните центри, како и во домовите за стари лица.
Вакцинацијата против сезонскиот грип годинава започна со задоцнување. Наместо во октормври како што првично најавуваа здравствените власти – започна на 11 ти ноември , а на големи проблеми со закажувањето, термините но и бројката на вакцини се жалеа и пациентите и матичните лекари.
Во Европа пак, сезоната на грип обично е започната до овој период, но покрај широко распространетото и редовно тестирање, пријавената активност на грип сè уште останува на многу ниско ниво, велат од Институтот.
Сепак потенцираат дека поради пандемијата со КОВИД како во европскиот регион така и во Макеоднија има намалено пријавување на епидемиолошки и вирусолошки податоци за грип поради што велат презентираните податоци мора да се толкуваат со претпазливост.