„ИМА САМО 5 АМБУЛАНТНИ ВОЗИЛА“ – ОДГОВОР ШТО ГО ДОБИЛ ПАЦИЕНТ ШТО ЧЕКАЛ 50 МИНУТИ ЗА ПОМОШ МИНУТИ

Пациент од Скопје со тешко заболување, во петокот навечер чекал 50 минути амбулантно возило и кога прашал зошто се случува тоа, од Брза помош му рекле дека во „градот во моментот има само 5 амбулантни возила“.

Во e-mail-от испратен до нашата редакција пациентот Себастијан Хуна прашува уште, како е можно во главен град на една земја со стотици илјади жители, да има само 5 амбулантни возила за потребите на пациентите.

Потсетуваме дека во ноември минатата година Министерството за здравство ја информираше јавноста дека купило 12 нови амбулантни возила.

„Набавени се квалитетни возила од реномиран производител. Одлуката за избор на најповолен понудувач ќе биде објавена во понеделник, а договорот ќе биде потпишан за 12 дена, согласно законот за јавни набавки“, рече тогаш министерот Филипче.

„Според препораките на Светска Здравствена Организација, на 50.000 жители треба да има по едно возило на Брза помош. Досега во град Скопје се функционираше со само 6 возила. Со оваа јавна набавка, се обезбедуваат дополнителни 6 возила со што се зајакнуваат капацитетите на Брза помош за 100%, а воедно ги задоволуваме и стандардите на СЗО. Останатите 6 возила ќе бидат распределени низ целата држава во оние здравствени домови каде е најмногу потребно“- стои во соопштението на МЗ од 17 ноември 2018 г.

„Трибуна“ прашува, каде се останатите 7 амбулантни возила, ако е вистина дека Брза помош во Скопје веќе речиси една година располага со 12 возила?