„ИМАМ ПИШТОЛ И ЖИВЕАМ ВОЗБУДЛИВО“- КАКО ФАРК И НАРКО КАРТЕЛИТЕ „РЕГРУТИРААТ “ ДЕЦА ВО СВОИТЕ РЕДОВИ

Нештата што долгогодишниот народен правобранител од колумбискиот град Торибио, Хектор Фабио Идробо, ги видел и слушнал во последните неколку недели од пандемијата, се чудни дури и човек со неговата имагинација. А Идробо видел многу заради својата функција.

Тој опишува мажи – како во цивилна облека, така и во униформа, како им пристапуваат на децата и на тинејџерите во градот, давајќи им подароци – ЦД плеери, ЦД-а, видео плеери …

„Тие обично почнуваат разговор со најмалите и им даваат подароци, вели народниот правобранител. “Ако мажите се партизани, тие им раскажуваат на децата за оружја и приказни за нивниот возбудлив живот во планините. Ако пак се припадници на картелите, ги намамуваат со пари. Така тие влегуваат во умот на овие момчиња и девојчиња, кои често доаѓаат од сиромашни и нефункционални семејства”.

Според него, следниот чекор е поканата упатена кон децата да ги посетат нивните логори, да го видат оружјето и да го видат возбудливиот живот од другата страна на законот. Пред овие деца да сфатат што се случува со нив, тие веќе или носат партизански униформи или пак дале заклетва за верност кон некој од картелите.

Идробо објаснува дека досега вооружените групи секогаш барале регрути меѓу тинејџерите и децата. Сега, за време на пандемијата на COVID-19, врбувањето на нови членови е многу поагресивно отколку порано.

Правобранителот речиси секојдневно е баран од родители, чии деца заминале во планините кај партизаните или припадниците на нарко-картелите. Некои групи дури одат чекор подалеку – тие бараат еден вид „данок во крв“ од семејствата со повеќе деца – да дадат син за каузата или да ги сносат последиците ако одбијат.

Партизаните и криминалците ги искористуваат децата и младинците во своите редови за шпиони, курири, па дури и борци.
Народниот правобранител Идробо вели дека Торибио е контролиран од група отпадници на ФАРК, кои не го признаваат примирието со официјалната власт во Колумбија.

Според политикологот Дејвид Сантос, децата се многу повеќе од мали борци за овие групи, напротив – тие извршуваат доста корисни функции.

Според Сантос, кој работел неколку години како советник во владата на поранешниот претседател Хуан Мануел Сантос од 2010 до 2018 година, девојчињата, честопати стануваат жртви на сексуална експлоатација.

„Најмалите деца, шпионираат во корист на групата која ги регрутирала или пак продаваат дрога во училиштата“, вели тој.

Според него, герилците не би им дале оружје на овие деца, барем додека не наполнат 16 години. Ова правило не се однесува на картелите, бидејќи тие често ги обучуваат малолетните лица за да ги претворат во убијци и борци.

Според владините бројки, во текот на изминатите 20 години, разни вооружени групи насилно регрутирале околу 14.000 девојчиња и момчиња под 18-годишна возраст, при што ФАРК е главната група која стои зад оваа непријатна статистика. Во моментов, герилците на ЕЛН и отпадниците од ФАРК, како и нарко картелот „Кланот на заливот“ имаат најмногу малолетници во своите редови.

Сантос е критичен кон сегашната влада, велејќи дека претседателот Иван Дуке Маркез бара војна и конфронтација со герилците, наместо да размислува за оние кои најмногу страдаат од ваквите случувања – а имено децата.