ИМЕТО ШТО ЗНАЧИ НЕМИР
Гледам кон отвореното и блескаво небо над мене исполнето со ѕвездите и млечен пат , пат по кој отсекогаш сум посакувал да го изодам. Да одам по тој пат, по улицата на невидливата граница, додека илјадници луѓе со свеќи во рацете го бараа и молеа Господа да им ги исцели душите. Се враќам во јазикот на моето детство, во јазикот на кој пишувам и дишам со зборови и стихови кој што само преку нив може да си дозволам да патувам. По тој пат на меѓу просторот и на тишината, двете нешта кои ме создаваат додека создавам. Мојата страст проживеа во фосфор од чкроче и пепелта што го чува обликот на пресеченото дрво. Не ми треба мапа на светот ми треба само искрена молитва. Сега сенка од класје жито ми ја покрива надежта а пак мојот збор стана вреден како стар часовник во семејна куќа кој не го мери времето. Се обидувам од себеси да стасам до нечија кожа, кожа што мириса на мед и ветар. До името што значи немир, немир во мојата душа, душа која ми дава некаков спокој. Спокој кој ги отвара портите, порти на градините во кои почива мојот немир. На градините во кои спијам а не живеам. Се одвоив од воздухот, од водата од огнот, од земјата што Бог ме создаде. Далечни се сите сништа што ги сонувам, уште подалечен патот кој го сонувам…
Далечини се и изминати гласовите на мајка ми што ме повикува за семејната вечера…
Автор: Никола Тасески