| |

In Memoriam: ВАСИЛ СТАНИЛОВ (Pro&Anti) (Варна 1933-2016 Софија)

Пишува: Владимир Перев

Честопати во животот, првите средби со некого ни оставаат длабок впечеток, импресии кои остануваат до крајот на животот. Со Васил Станилов се запознавме на најкласичниот македонско-бугарски начин, на ул. “Раковска“ во едно топло септемвриско попладне. Беше тоа во 1993 година, а “медијаторот“ на средбата беше новинарката, историчарката и превдувачката Марија Киселинчева. Со неа се познававме од летото, од нашиот заеднички престој во САД и Канада за време на конвенцијата на МПО во Торонто.

Беше тоа висок и тенок човек, со широка и пријателска насмевка, насмевка која пленуваше. Во неговиот поглед имаше нотка на сета, тага и внимателност, нешта кои ми останаа енигма до крајот на неговиот живот. Веднаш се спријателивме и почна нашата дружба, за време на моите чести, но краткотрајни патувања во Софија. Тогаш се сретнав со “Про и Анти“, неговиот весник, се сретнав со неговата борба за демократија, жед за слобода и правичност.

Добро се запознавме, меѓу нас немаше недоречености. Масата никогаш не беше празна, а меѓу чашите со вотка и коњак, секогаш се слушаа нашите приказни од времето на едноумието, нашите таги, заблуди и желби. Знаев сѐ за него, за неговите службувања во Прво ГУ на ДС, за неговото знаење на грчкиот јазик, за амбициите на едно време и за непомирливоста во борбата за слобода. Му раскажував за моите премержја, за моите напори да се остане доследен на себе сѝ и предците. Бев и останав импресиониран од неговиот книжевен опус, од трудољубивоста и богатството на идеи преточени во творби. Ми изгледаше голем, величествен и таков остана до денешни дни, навистина незаборавен. Единството на бугарското племе беше неговата мисла водилка, а мојот македонски јазик беше само дел од богатството на бугарските дијалекти. Беше крајно коректен, еден од оние кои никогаш не упрекнале некој македонец за нивниот бугарски јазик, или за нивното незнаење на делови од бугарското, односно нашето заедничко минато.

Во Македонија речи си никој и не знае за неговиот “Про и Анти“, весник каков што ние овде никогаш не сме имале и веројатно нема да имаме. Весникот веше со скромен тираж за бугарски услови, но беше читан на највисоко можно ниво. Тоа не беше само и просто еден антикомунистички весник, тоа беа солзите на бугарскиот народ, приказни за неправдите, насилијата, и најважното, насилијата на советската/руската солдатеска и полиција врз душата и разумот на народот. Про и Анти беа “солзите“ на напатениот бугарски човек.
Широко ми ги отвори вратите на редакцијата. Објавив неколку текста под псевдоним, за таму, под мое име, да го објавам моето познато “Македонско писмо“ каде за прв пат еден македонец, со обрати кон највисокиот државен глава на Бугарија, да го потсети на неговите обврски кон нашето единство, единствената ни историја и задолженијата за во иднина. Во редакцијата се запознав со Васко Колев, прекрасниот човек и писател, како и со Фреди Фосколо, човекот за кого не бев чул никогаш…моето незнање беше продукт на “железната завеса“ меѓу Македонија и Бугарија, завеса која до денес некој се труди да ја држи затворена.

Со Фреди и Рајна Фосколо се сретнавме на еден престој во семејната куќа на Станилов во Василико. Низ димот од цигари, ја слушав животната историја на Фреди и Рајна, вчудовиден и згромен од суровоста на бугарската болшевичка номенклатура, но импресиониран од херојството на Фреди и Рајна Фосколо. За мене тоа беше живот за роман, живот страшен, но полноценен и исполнет со страсти и идеали.

Оваа година на 6-ти декември, на Св. Никола Мираклијски (по Грегоријанскиот календар) во Софија ќе се соберат пријателите на Станилов, заедно со неговата ќерка Пресиана, да одадат почит на Светецот кој е заштитник на весникот “Про и Анти“. Весникот е згаснат, но искрата на слободата сеуште тлее во душата на сите слободољубиви луѓе. Тоа е почит кон делото на Васил, почит кон слободата и демократијата, но и обврски кон иднината.

Василе, каде и да си, да имаш многу светлина и Божји дарови!

Слични Објави