Институтот GATE ќе биде домаќин на форум за создавање на Национален хаб на Мисијата за борба против ракот во Бугарија
Институтот GATE при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ ќе биде домаќин на основачки форум за создавање на Национален хаб на Мисијата за борба против ракот во Бугарија (НХМБР), соопштија од институтот, пренесува БТА.
Настанот ќе се одржи денеска, 11 март, од 14:00 часот на булевар „Џејмс Баучер“ 5 во Софија. Иницијативата е поддржана од Европската комисија преку програмата „Хоризонт Европа“ и е усогласена со Европскиот план за борба против ракот.
Форумот има за цел да ги постави основите на транссекторско партнерство меѓу државни институции, општини, академската заедница, граѓански организации и бизнисот, посочија од институтот GATE.
Бугарија е меѓу петте пилот-земји во кои се создаваат национални хабови, заедно со Полска, Холандија, Грција и Малта. Преку проектот ECHoS земјата се приклучува на европска мрежа од повеќе од 30 држави. Заедничката европска цел е до 2030 година да се подобри животот на повеќе од три милиони луѓе во Европа.
Во бугарската екосистема на Мисијата против ракот веќе учествуваат повеќе од 80 организации и институции, обединети во Заедничката онколошка национална мрежа, поддржана од Европската комисија, додаваат од институтот.

