|

Инвестирањето во македонската одбрана в година ќе достигне 2 отсто од БДП, најави Славјанка Петровска

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, утрово, во Министерството се сретна со Хавиер Коломина, помошник-генерален секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика со кого разговараше за придонесот на Северна Македонија како посветен и активен сојузник во алијансата кон колективната безбедност на НАТО и кон стабилноста на регионот.

На средбата Петровска истакна дека Северна Македонија во целост ги спроведува прифатените обврски од НАТО-пакетот на цели на способности, со особен акцент на модернизацијата на Армијата и унапредувањето на условите и развојот на човечките капацитети во Министерството и Армијата.

„Инвестирањето во македонската одбрана во 2024 година ќе достигне 2 отсто од домашниот бруто-производ, а од средствата наменети за одбрана една третина ќе бидат насочени кон модернизација, што е гаранција дека процесот на опремување на Армијата ќе продолжи да се реализира со несмалено темпо. Посветени сме на модернизацијата како одговорна членка на НАТО, но еднакво и заради националната безбедност“, рече министерката Петровска.

Таа го информира помошник-генералниот секретар Коломина за помошта што досега во 10 наврати Северна Македонија ѝ ја донира на Украина и нагласи дека во согласност со процените на Генералштабот таа помош и понатаму ќе продолжи.

Во контекст на регионалната безбедност, министерката истакна дека Северна Македонија го зголемува учеството во мисијата КФОР на Косово. Таа потенцира дека дијалогот меѓу Белград и Приштина треба да продолжи и дека и двете страни треба да ги реализираат преземените обврски.

„Интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ е безбедносно прашање и најдобар одговор на обидите за влијанија од трети страни во регионот“, рече Петровска.

Во соочувањето со проблемот на хибридни закани и лажни вести, Петровска ја истакна 100-процентната активна транспарентност на Министерството за одбрана како најдобар начин за превенција и справување со овој предизвик.

Помошник-генералниот секретар на НАТО, Коломина, се заблагодари за активното учество на Северна Македонија во НАТО и видливиот придонес кон зацврстувањето на регионалната и колективната безбедност. Тој го поздрави придонесот на Северна Македонија во мултинационалните сили на НАТО во Бугарија и Романија, учеството во мисијата на НАТО на Косово, помошта за Украина во одбрана на нејзиниот територијален интегритет и стабилното инвестирање во развојот и модернизацијата на одбраната.



Слични Објави