| |

Истечен рок

Facebooк статус на Никица Корубин

Времето лета. Веројатно така ги доживуваат првите три месеци, партнерите во владата, а особено гарантите на европскиот пат неформалната коалиција ВЛЕН, кога е во прашање усменото (и писмено) ветување за рокот за уставните измени. Рок, кој наеднаш, особено брзо “летна”, па после вчерашната вест за отворање на преговорите на ЕУ со Албанија следниот месец, ги стопи и поставените (флексибилни) 6 месеци. Па, ако до вчера тие субјективно се чинеа како 4 години, од вчера тие се чинат како 3 месеци. Со други зборови завршија.

Рокот истече. За секаков вид на релативизација, манипулација и избегнување на неизбежното прашање: уставни измени кога? Барем ќе се ослободат од тешката и мачна улога на глумење на параван за легитимирање на наводната проевропска агенда на ВМРО-ДПМНЕ и коалицискиот левичарски партнер и особено наводната одбрана на македонскиот идентитет, “модел Отворен Балкан”.

И така ослободени, ќе може целосно да се посветат на носителите на нивниот легитимитет: гласачите Албанци кои им ја дале довербата да ги претставуваат нивните интереси во највисоката власт, прво законодавната, а потоа и извршната. А, да ги застапуваат, според нивните сопствени излагања, како гаранти за европската интеграција на Северна Македонија, и интересите на сите нас (75% од граѓаните), кои доследно со сите можни ужасни опструкции и пеколни пречки изминативе 30-тина години, знаат каде е сегашноста и иднината, на нашето граѓанско и демократско општество: во ЕУ.

А, патот до ЕУ води преку доследно, зрело и одговорно спроведување на меѓународните обврски, исто така, како што сакаме и внатрешно да се однесува власта кон сопствените граѓани: доследно, одговорно и зрело. А, има ли поголема одговорност и зрелост и особено доследност, од спроведување на гаранцијата во дело: или уставни измени веднаш или излегување од влада. Според нивниот сопствен услов.

И кога е јасна вољата на гласачите Албанци, и оние кои својата доверба ја дала на ВЛЕН, но оние гласачи кои својата доверба ја дале на ДУИ, која апсолутно не се разликува кога се во прашање евроинтеграциите и иднината на Северна Македонија; да ја видиме улогата на опозициската СДСМ и нивните (невидливи) коалициски партнери. За очекување е итно, веќе во текот на следната недела, да ги поднесат веќе подготвените уставни измени во процедура, последниот услов од преговарчаката рамка, по која измена, веднаш по автоматизам се закажува втората меѓувладина конференција со ЕУ и се отвораат првите поглавја.

За нас, бидејќи нема вето, како што имаше за Албанија, нема ниту потреба од формална одлука од ЕУ, како сега за Албанија. За да се види тежината на самоблокирањето на евроинтеграцискиот пат од нас самите, односно блокадата што власта им ја наметнува на сопствените граѓани. Во име на идентитетот? Ако така “нагалено” го нарекуваат наследениот и наметнат наратив за тоа кои сме и што сме, и особено она што треба да бидеме ние и државата, односно територијата, која е верувам клучната во хегемонизмот на “светиот” сосед.

Качувањето е секогаш тешко и бавно (одржувањето на независноста и одржливоста на сопствена држава), а симнувањето е секогаш брзо и лесно, и веројатно неповратно (загрозувањето на независноста и одржливоста на државата) преку опструкција на стратешките интереси, видливо деновиве на различни теми (договори, коридори, пари, религија).

А, кога сме веќе кај религијата и нејзината деструктивна улога што се обидуваат да ја наметнат како паралелна “сакрална” власт, лажно византиски и вистински про (велико) српски, како модел на зависност од СПЦ vis a vis независноста на томосот на Вселенската патријаршија, а преку него, на симболично ниво и независноста на нашата историја и наратив, инаку лакмус за “световната” власт; интересни се случувањата во Албанија, промовирани од албанскиот претседател, за “бекташка држава” во секуларна држава, “случајно” лансирана идеја, паралелно со изненадувачки датум за преговори со Албанија. Пријатно или непријатно изненадување, за сите партнери на Отворен Балкан, времето ќе покаже.

И со истекување на рокот, јасно е дека прво истекува вредноста. Колку иронијата и да е голема, кога станува збор за актерите на неформалната коалиција која себе си се нарече ВЛЕН (ВРЕДИ). Ако сакаат да ја сочуваат сопствената несомнена вредност, треба да се свесни, дека дадениот збор носи со себе и голема одговорност. Им падна тешкиот дел. Или лесниот и доблесниот, зависно од перспективата, лична или колективна, за себе или за сите, државата и граѓаните.

И не, нема ним да им треба среќа, ќе и треба среќа на државата, и на сите нас. И ќе ни требаат сите симболи и реквизити на античката и хеленска божица Тихе, божицата на судбината и среќата, за конечно да разбереме дека среќата е непредвидлива работа, сами управуваме со нашата судбина, а даровите и богатството од нејзиниот “рог на изобилието” ги користиме или не, според нашиот влог во она што ни е суштинско важно. Која судбина, за себе ја сакаме?

Рокот истече, а времето дојде, за јасни одговори. Колку и да изгледаат тешки за некого сега, можат да бидат најлесното нешто што може(ло) да се направи. Ако продолжиме да ја предизвикуваме судбината и среќата, на сопствена држава во која е вложено многу, од нас самите и од сите наши меѓународни партнери и пријатели.



Слични Објави