| |

Историјата молчи за отец Иван Шивачев- свештеникот што го исповедал Никола Вапцаров во неговиот предсмртен час*

Димитар Иванов/Фактор

На 23 јули левичарските сили во Бугарија одбележаа уште една годишнина од стрелањето на Никола Вапцаров. Комунистичката пропаганда го митологизираше и го претвори во најсветлиот симбол на неостварениот комунизам и во жртва на мракобесниот фашизам, каков што во Бугарија никогаш немало. Надвор од левичарската и русофилската пропаганда, за секој родољуб нема сомнение дека Вапцаров е антибугарин, бидејќи е ревносен македонист кој ги следи директивите на Коминтерната; терорист и национален предавник кој се ставил во служба на Москва, работејќи против својата татковина. Целокупната субверзивна и антибугарска дејност на Вапцаров стана достапна за јавноста преку декласифицираните архиви на Министерството за внатрешни работи. Не е помал ниту митот за него како голем поет. Со децении БКП пропагандно го претвораше во знаме на социјалистичката литература.

Но со децении домашната историографија молчи за животот на една личност чија судбина случајно се преплела со онаа на Вапцаров и која потоа ја понела трагедијата на времето, претворајќи се во невина жртва токму на светлиот комунизам што го проповедал поетот.

По иронија на судбината, тоа е свештеникот Иван Шивачев —последниот што го видел Вапцаров жив и разговарал со него.

Тоа се случило неколку минути пред да одекнат фаталните истрели на гарнизонското стрелиште во Софија, на 23 јули 1942 година. Како духовно лице, тој го исповедал Вапцаров, осуден на смрт поради терористичка дејност во полза на Москва, но токму поради свештеничката должност да му ја предаде на Бога душата на поетот станал предмет на репресија од комунистичката власт.

Роден во Сопот на почетокот од минатиот век, Иван Шивачев до 1930 година живеел во Разлог, каде што бил свештеник. Подоцна го напуштил градот „поради несогласувања со парохискиот настојник“ и се населил во Свиштов. Во 1933 година, заедно со семејството, се преселил во софиската населба „Надежда“, а од 1 јули 1937 година започнал да служи како свештеник во Софискиот гарнизон.

Семејството на Шивачев има далечни корени од Дебарско и роднинска врска со врачанскиот владика Климент. Предците на свештеникот биле комити кои учествувале во атентат врз турски бег.

Всушност, судбината ги вкрстила животните патишта на Вапцаров и свештеникот Шивачев уште во периодот 1926–1928 година, во Разлог и Банско. Духовникот го посетил домот на Вапцаров непосредно пред неговото заминување во Морнарското училиште во Варна.

Вторпат се сретнале во Разлог во септември 1926 година. Тогаш меѓу нив се родила духовна блискост, поттикната од заедничкиот интерес за книгите. Нивната последна средба се одржала на 19 август 1928 година, кога Никола Вапцаров му ја подарил на Иван Шивачев својата песна „Скица“ со посвета: „За спомен на мојот добар пријател Ив. Николов“.

Во есента 1941 година Вапцаров се вклучил во Воениот оддел на Централниот комитет на БКП, а во март 1942 година бил уапсен и осуден на смрт поради својата терористичка и антидржавна дејност.

Судбината повторно ги споила на 23 јули 1942 година, кога на отец Иван Шивачев, како гарнизонски свештеник, му било доверено да ги венча Антон Попов и Росица Манолова. Токму од неа дознал дека меѓу осудените на смрт е и Вапцаров. Веста го шокирала и го поттикнала да ја напише својата „Молба до царот“ за помилување на Антон Попов и Вапцаров: „Ваше Величество…, мојата пастирска должност ми налага, како пастир на Бугарската православна црква и како гарнизонски свештеник, да Ви се обратам со оваа молба и со да Ве замолам, во името на Божјата правда и највисоката човечност, да ги помилувате.“

Духовникот му ја предал „лично адресираната молба“ на аѓутантот на цар Борис III, генералот Рафаел Жечев.

Но малку подоцна, на отец Иван Шивачев му припаднала „пастирската должност“ да го венча Антон Попов и да ги исповеда Никола Вапцаров и другите осудени на смрт.

Во своите необјавени спомени, кои се чуваат во Националниот литературен музеј, Шивачев ги документирал последните мигови од животот на Вапцаров. „Си ги стегнавме десниците за разделба и го бакнав во гордото чело, врз кое паѓаа прамени од неговата коса. Тој отстапи и се оддалечи. Тоа многу ме потресе…“, запишал свештеникот во својот дневник.

Меѓутоа, во годините на комунизмот „класниот непријател“ не бил поштеден.

По 9 септември 1944 година духовникот бил осуден од Народниот суд на доживотен строг затвор. Го спасила единствено интервенцијата на неговиот шура Атанас Попкостов, кој бил учесник во таканаречениот, според црвената историографија, антифашистички отпор. Тој сведочел дека во домот на семејството Шивачеви, на улицата „Вашингтон“ број 40 во Софија, повеќепати биле засолнувани илегалци.

На 10 мај 1953 година свештеникот бил ослободен од Сливенскиот затвор, но дури во 1964 година, по прогласената амнестија, конечно бил пуштен на слобода. Дотогаш бил принудно интерниран во Карлово. Се вратил во Софија, каде што повторно служел како свештеник сè до својата смрт во 1975 година.

Триесет и пет години по падот на комунизмот, БПЦ не посака да го воздигне споменот за духовниците прогонувани од црвениот терор. Ниту во Историскиот музеј во Сливен нема да најдете ни збор за страдалници како отец Шивачев — жртви на комунизмот кои поминале низ политичкиот затвор.

* Насловот е на редакцијата

Слични Објави