|

Иван Михајлов: Како се бранеше народот во Македонија

ВО ТИКВЕШ

Извор: Сите Бугари заедно

На југоисток од железничката станица Градско, долж двата брега на р. Вардар, се простира една ридеста котлина, која завршува при влезот во прочуената вардарска клисура Демир Капија. Оваа котлина се нарекува Тиквеш. Во турско време таа образувала една околија (каза) со административен центар Кавадарци. Оваа околија во 1912 година броела 42.500 Бугари, 1.850 Турци и др. — вкупно 45.350 жители.

Од бројот на Бугарите, 19.652 се муслимани, потурчени пред 150 години. Тие го зачувале најчистиот јазик, обичаи и нрави. Турскиот јазик им е сосема непознат на жените и децата. Тоа се тиквешките Помаци.

Од горните податоци станува јасно дека оваа околија е најчист бугарски крај.

Но и тука македонскиот Бугарин морал да ја води борбата за јазик и самобитност. Како потврда за тоа ќе го наведеме следново:

Во месец мај 1903 година кавадаречкиот кајмакам го уапсил бугарскиот архиерејски намесник — јеромонах Методиј — под изговор дека имал врска со македонскиот револуционерен комитет. Исто така уапсил и некои повидни граѓани.

Веднаш по апсењата почнале да обиколуваат разни емисари на туѓи пропаганди и агитирале меѓу селското население да ја признае Патријаршијата за свое духовно началство. Ветувале: намалување на даноците, заштита од разбојнички зулуми, укинување на ангариската работа на беговските чифлици, давање заеми од земјоделската банка итн.

На повидните селани им биле ветувани тешки турски лири, ако се вратат во лоното на грчката Патријаршија. Двајца непријатели на бугарската народност се здружиле за да го намамат измачениот роб; си подале рака Грците и Србите.

Истовремено, владини собирачи на данок: бегликчии, спахии — цели глутници — се распрснале низ Тиквеш за со камшик да собираат давачки за три години од селаните и да се закануваат дека ќе истребат сè што е бугарско.

Многу прочуени разбојници, поткупени од туѓи емисари, живо се раздвижиле по селата и отворено го принудувале бугарското население да се откаже од својата бугарска народност — во спротивно ќе следувале сеча и пожар по нивните живеалишта.

Над сето тоа и официјалната власт јавно ја зазела страната на пропагандата. Самиот кавадаречки кајмакам во месец јули истата година подготвил стотици примероци и ги испратил по сите села, со копија од изјава што задолжително требало да ја поднесе до власта секое бугарско село.

Еве го буквалниот превод на таа изјава:

„Ние, христијански жители на маалата и селата, што подолу ги ставаме своите потписи и печати, со ова изјавуваме дека порано бевме приврзани кон грчката Патријаршија и, под благодатната царска сенка, живеевме презадоволни од секоја страна.

Но, бидејќи не можевме да им одолееме на насилничките закани на некои злосторници од бугарска народност, од немајкаде преминавме под Бугарската егзархија. Бидејќи во тоа време не забележавме никаква разлика и предност во уредбите (усулите) и духовните ползи меѓу овие две вери, а пак лошите намери што во последно време се пројавија од страна на бугарската народност ќе ни нанесат материјална и морална штета, ние, најпонизните Ваши слуги, со покорност се враќаме кон старата си вера и Ве молиме да благоволите да го наредите потребното за нашето приврзување кон грчката Патријаршија и за што поскоро испраќање тука на еден грчки митрополит.“

И покрај овој општ и жесток притисок, непријателите успеале да расцепат само две села — Горна и Долна Бошава, и тоа делумно.

Тиквешани, особено кавадаречките граѓани, силно протестирале пред вилаетската управа во Солун и Цариград и, откако го докажале поткупништвото на кајмакамот, тој бил отстранет од Тиквеш и дури тогаш духовите се смириле.

Тиквешани не фрлиле дамка врз својот стар будител и родољуб Даскал Камче, кој прв ја отворил во Македонија првата бугарска печатница во гратчето Ваташа, а која подоцна била пренесена во Солун, околу 1838 година.

Ив. Михајлов, Како се бранеше народот во Македонија. Издание на Македоно-бугарските источно православни цркви во Соединетите Држави и Канада. Индијанаполис, Индијана, САД, стр. 21–23.



Слични Објави