ИВАНОВ БАРА ДА БИДЕ ИНФОРМИРАН ЗА ПРОЦЕСОТ НА ПРЕГОВОРИ ЗА ИМЕТО

До Кабинетот на Претседателот на Република Македонија нема доставено информација за договорената рамка за можно решение на разликата околу името, ниту информации за последните две средби на министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција, одржани во Брисел и во Њујорк. Кабинетот на Претседателот на Република Македонија не е информиран ниту за составот, ниту за работата на правните тимови од двете земји во Атина на текстот на билатералниот договор, наведуваат од кабинетот на Иванов.

Воедно, се посочува дека до неговиот кабинет претходно не бил доставен ниту предложениот пакет за името Република Илинденска Македонија, иако шефот на државата побарал да добие писмен документ за последниот тек на настаните поврзани со спорот за името.

Во соопштението се додава дека Иванов во неколку наврати претходно побарал до него да бидат доставени документи поврзани со текот на разговорите, вклучително и нацрт-текстот на билатералната спогодба за надминување на разликата околу името, доставен од Министерството за надворешни работи на Република Грција, оценувајќи дека, како што се наведува, се врши селективно информирање на македонскиот претседател.