| |

Изборен модел по мерка на демократијата

Премолчан меѓупартиски договор

Веќе извесен период, лидери на „ помали“ политички партии, претставници на Невладините организации (НВО), учени од фелата, како и одредени политички аналитичари, отворено и јавно се заложуваат за промена на македонскиот изборен модел. Имено, во деведесетите, македонските парламентарци, се бирале по мнозинскиот принцип на изборен модел, оној,  кој денеска функционира за избор на градоначалници и претседал на Републиката. Во 1998 година, на изборите за нов парламентарен состав, прв пат се воведе ( делумно)   пропорционалниот модел за избор на пратеници  ( 35), за да веќе на следните избори во 2002 година, целосно се воведува пропорционалниот избор на пратеници за сите 120 народни избраници. Овој модел, со затворени партиски листи, а картата на Македонија поделена во шест изборни единици, со приближен број на гласачи/ граѓани, во изминатите 16 години, често пати на површина ги покажуваше своите слабости. Всушност, проекцијата на шест изборни единици, ги фаворизира и ги „ наградува“, партиите од т.н „ голема 4 ка“ ( ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА) до парламентарните избори во 2016 година, кога ДПА  отпадна од овој „ елитен партиски клуб“.  Се поставува прашањето, дали и постои таен / премолчан договор меѓу големите партии, за сметка на помалите, бидејќи токму гласовите кои малите партии ги губат своите гласови низ изборните единици, се преточуваат на контото на големите партии/ коалиции, носејќи им плус пратенички места во Парламентот на Република Македонија. Најчесто критиките за овој изборен модел, се однесуваа на нелогичноста околу принципот на „еднаквоста на гласот“. Ако, врвно демократско правило кај нас, а и  секаде во светот е дека гласот на сите граѓани е подеднаков, односно исто вреди, тогаш овој модел на практика, тоа го демантира. Имено, на парламентарните избори во 2011 година, ВМРО- Народна партија освои околу 30.000 гласови, но поради распространетоста на истите ( деконцентрацијата), во сите шест изборни единици, оваа партија не беше парламентарно претставена после тој изборен циклус. Од друга страна, Националната демократска преродба (НДП), која во тој период беше предводена од Руфи Османи, и освои приближно исто гласови на тие избори како и ВМРО-НП, поради  етничката концентрација во шестата изборна единица, освои 2 пратеници и беше парламентарно претставена партија. Уставниот суд, како надлежен, и по тие избори, кога на практика се покажа неуставноста на овој изборен модел,  и многу пати досега, требаше да се произнесе по моделот, земајќи ги како емпириски искуства, токму горенаведеното но и други. Од друга страна, илјадници гласови дадени од македонски граѓани за помали партии „ пропаѓаат во вода“, поради изборниот модел, и поделбата на изборната мапа на шест изборни единици. Скоро секој изборен циклус, околу 80-100.000 гласови „ горат“, и во т.н „ македонски и албански“ политички блок, со што гласот на поединецот/ граѓанинот, не е валоризиран и институционално репрезентиран во Собранието на Република Македонија.

Деконцентрација на лидерската моќ

Покрај другото, партиските елити, кои ги кројат предизборните листи, секогаш по своја волја ги фаворизираат најчесто  послушните, лојалните и блиските кадри, оневозможувајќи им на граѓаните да направат свој реален избор при гласањето за пратеници, со што народните избраници и баш не го заслужуваат  епитетот „ народни“, ами партиски. Вака, место да се демократизира политичката партија, напротив, таа се повеќе се централизира, акумулирајќи огромна султанска моќ во рацете на партискиот лидер, со што по освојувањето на власта ( преземањето на институциите на системот), таа моќ се трансферира и низ ходниците на институциите. Освен теоретски, кај нас, ова го видовме и во практична примена, кога целокупната моќ беше концентрирана во еден човек и неговото најблиско опкружување. Поборниците на воведувањето на изборен модел со отворени партиски листи, со една изборна единица, освен како аргумент еднаквоста на вреднувањето на изборниот глас, го наведуваат и токму ова погоре напишаното, како можност да се демонополизира партиската моќ, да се демократизира самата политичка партија, и да се чуе гласот на партиските функционери од пониските ешалони, кој најчесто е занемарлив.

Султан-партиите, освен ориенталната  демократска (не)култура, на поимање и на суштествување на демократијата како „ џентлменски и фер“ изборен натпревар, низ годините и децениите, на македонскиот повеќепартиски плурализам, се создадоа и се зацврстија, во голема мера, токму и поради овој изборен модел. Доколу, во Република Македонија, се примени моделот на отворени листи, каде што граѓаните вистински, ќе можат да го изберат својот фаворит во парламентарниот дом, или во Советите на локалната самоуправа, на тој начин и народните избраници ( пратеници/ советници), реално, а не само декларативно ќе го црпат својот легитимитет и кредибилитет , директно од граѓаните, како носители на суверенитетот на Република Македонија. Оваа, нова политичка реалност Република Македонија, нужно ќе доведе и до поголема независност на пратениците од своите матични политички партии, каде што самостојно, по своја волја на убедување ќе гласаат за одредени закони, наспроти диктатот од врхушката на сопствената политичка партија. Сега, пратениците се само обични „ кукли на конци“, со кои кукларот „ од горе“ управува како што сака со нив,  и кога сака. Затоа и  граѓаните во голем број, денеска имаат негативно мислење за работата на пратениците, сметајќи ги само за „ гласачка машина“ во парламентот. Дополнето и со енормните патни трошоци, кои одделни пратеници, од сите политички опции ги наплатуваат, во време на сеопшта сиромаштија, апатија и безпесперктивност кај широките народни маси, крајно време е функцијата пратеник да се „ ревидира“, и да и се врати достоинството и  легитимитетот, кој треба да го поседува.

Перспектива

Пред парламентарните избори во 2016 година, од позиција на лидер на СДСМ и на  опозицијата , а и денеска, од позиција на премиер на Република Македонија, г-динот Зоран Заев, неколку пати нагласи дека тој и неговата партија ќе се заложат да се промени изборниот модел и Македонија да биде една изборна единица, со отворени партиски листи. Да се надеваме дека и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, г-динот Христијан Мицкоски, ќе го прифати овој модел, со што ќе се отвори патот за постепено, но трајно демократизирање на македонските политички партии, и за демократизација на севкупното македонско општество. Ова не е единствениот проблем, но се разбира, дека е еден од мноштвото, кои ќе придонесат за стабилизација и демократизација на македонскиот политички систем.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, М-р по политички науки

Слични Објави