Ј. Митровски (БИЛКА): Секаде каде што се воведени полиберални политики задолжително доаѓа до опаѓање на употребата на наркотици на генерално ниво
Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ е организација која се залага за целосна декриминализација на канабисот, за медициснки и рекреативни цели. Во нивна организација се одржува познатиот „Конопфест“. На овогодинешниот музички настан кој се одржа на 20 април, на Школка, во Градски парк, учествуваа голем број артисти од македонската музичка сцена. „БИЛКА“ организараше и кампања „Декриминализација сега“, што исто така беше поддржана од повеќе јавни личности.
Трибуна: Јанаки, без да навлегуваме во формалности, и со цел да ја расчепкаме темата околу борбата на вашето здружение за канабис и зелени политики „Билка“, ти го поставуваме директно прашањето: Зошто канабисот треба да биде декриминализиран?
– Затоа што е крајно време да се рече СТОП за лажната кампања против канабисот која трае со децении, а е интенционално монтирана за да го покаже растението во лошо светло.
Трибуна: Кои ќе бидат бенефитите, ако декриминализацијата на канабисот стане факт?
– Доколку се спроведат моделите кои ги предлага БИЛКА бенефитите ќе се покажат на повеќе полиња. Првенствено од кривично-правен аспект уживателите на канабис веќе нема да бидат криминализирани, некои од нив соочувајки се со три или повеќе години затвор. Секундарно државата и граѓаните ќе имаат економски бенефити доколку се примени модел на продажба преку диспензери, но и самите граѓани. За ова да се случи секако се нужни законски измени бидејки сегашното законско решение го фаворизира крупниот бизнис а не ги сервисира граѓаните. И крајно, секаде каде што се воведени полиберални политики задолжително доаѓа до опаѓање на употребата на наркотици на генерално ниво.
Трибуна: Дали можеш да споделиш со нашите читатели одредени позитивни примери од земјите во кои канабисот е веќе декриминализиран?
– Секако. Португалија го декриминализираше канабисот, како и сите наркотици за лична употреба во 2000 година по тешка децениска епидемија на хероинска зависност која во деведесетите во одредени месеци имаше преваленца и до 2.2%(исклучително висок процент за хероин) за сега 17 години по либералните политики тој процент да е 0.1%. Во САД во сојузните држави каде е канабисот декриминализиран и се продава под супервизија на државите економските бенефити само на име даноци се бројат во милијарди, во Холандија конзументите на канабис на возраст 15-24 години се под европскиот ,просек итн.
Трибуна: Кои се основните митови околу употребата на канабисот во вид на цигара или во вид на масло за медицински цели?
– Дека предизвикува зависност, дека е gateway drug, дека неговата декриминализација ке доведе до енормно зголемување на употребата (што никаде не се случило) дека предизвикува шизофренија и brain damage што апсолутно не е точно.
Трибуна: Како кецот во џебот на уживателот му „штети“ на општеството?
– Апсолутно никако, освен што можеби им штети на ниските страсти и желбата за оговарање кај неизживеаниот дел од популацијата.
Трибуна: Кои се чекорите што ќе ги преземе вашето здружение за да ја доближи оваа проблематика до поширок круг на луѓе? Со какви проблеми се соочувате во текот на вашите активности?
– БИЛКА е во фаза на организација на Економска трибина а веќе сме и во фаза на изработка на законски решенија со кои сметаме дека ќе се остварат целите на здружението. Проблем е дезинформираноста на граѓаните но на тоа поле работиме додека посериозен проблем со институции сме немале, иако морам да посочам, дека е очигледно дека ова прашање не е приоритет. А да и facebook не ни дава да се рекламираме :).
Трибуна: За крај, кажи ни уште колку „Конопфест“-ови треба да поминат, според тебе за да разбере општеството дека стигматизацијата на канабисот и неговите уживатели е погрешно нешто?
– Да се надеваме уште еден, максимум два 🙂 . За жал не сме одлучувачки фактор, иако вложуваме максимални напори.