ЈАНАКИЕСКИ: ПРОТЕСТИТЕ ПРЕД ОПШТИНА ЦЕНТАР СЕ НИШТО ВО СПОРЕДБА СО ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА
Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, обвинет во предметот „Насилство во Центар“, на рочиштето за случајот истакна дека протестите пред општина Центар се нула во споредба со шарената револуција во која граѓаните секојдневно фрлаа со боја по државните институции, но каде имаше и конфликтни ситуации со полицијата по скопските улици.
За случајот „Насилство во Центар“ првообвинет е експремиерот Никола Груевски заедно со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.
Според обвинението на 1 јуни 2013 година Груевски, тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, преку министерот Јанакиески ги поттикнал останатите обвинети во случајот, во група со повеќе лица да извршат грубо насилство спрема тогашниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, како и спрема советниците од советничката група на Општина Центар, од редовите на коалицијата предводена од СДСМ.