Јотова: Бугарите во странство се кауза што наоѓа сè повеќе поддржувачи
Бугарите кои живеат во странство се заедничка грижа на сите бугарски институции. Наша грижа се младите луѓе и нивните семејства таму, како и изучувањето на бугарскиот јазик, што, за жал, не е загарантирано право во сите држави каде што има наши сонародници. Ова го изјави претседателката на Бугарија Илијана Јотова, која ги врачи наградите на Конкурсот за есеј за студенти и ученици од бугарските заедници ширум светот, организиран втора година по ред од Бугарското национално радио.
Иницијативата се одржува под покровителство на шефот на државата, со поддршка од Извршната агенција за Бугарите во странство и Министерството за образование и наука, а нејзината главна цел е градење мост меѓу татковината и сонародниците и зачувување на нивниот бугарски идентитет. Годинашните теми на конкурсот беа „Со што Бугарија може да ѝ помогне на Европа (на светот)?“ и „Која кауза може да ги обедини Бугарите ширум светот?“.
Во своето поздравно обраќање, шефицата на бугарската држава го истакна значењето на иницијативите што го зачувуваат чувството на припадност кон Бугарија на Бугарите во странство. Според претседателката, важно е државата системски да се залага младите луѓе во странство да посетуваат бугарско училиште, каде што ќе изучуваат бугарски јазик, историја и литература. Во тој контекст, Илијана Јотова го истакна значењето на неделните училишта. „Ги има сè повеќе и државата треба повеќе да се грижи за нив. Овие училишта нека бидат постабилни и нека добиваат доволно финансиски средства“, рече таа и повика државата да испраќа повеќе бугарски наставници во областите каде што живеат Бугари.
Претседателката беше категорична дека каузата за зачувување на бугарскиот идентитет кај Бугарите во странство е голема и добива сè повеќе поддржувачи. „Секаде каде што има Бугари – од постарата и од поновата емиграција – ние не ги делиме на наши и туѓи. Секаде сме Бугари“, истакна шефицата на државата.
Илијана Јотова во своето обраќање цитираше и зборови на млади луѓе кои учествувале на конкурсот, оценувајќи ги нивните размислувања за тоа каде се наоѓа земјата на картата на Европа и во светот како вреден ориентир и знак за патриотизмот во кој се воспитувани. „Маја од Виена прашува што значи Бугарија да биде во Европа, кога ние сме таму, учествуваме во европската политика, не сме приматели, туку ја создаваме таа политика. Ан-Мишел од Франција, пак, вели дека таа не живее во Бугарија, но Бугарија живее во неа“, посочи претседателката.
Во Тараклија има бугарски универзитет, кој е филијала на Русенскиот универзитет „Ангел К’нчев“, а таму веќе се школуваат 200 студенти, потсети шефицата на државата и упати посебна благодарност до административниот директор на филијалата, Александар Боримечков, за патриотската кауза и грижата за зачувување на бугарската меморија меѓу сонародниците таму.
Илијана Јотова повика во следното издание на конкурсот да бидат вклучени и деца од Бугарија. На годинашниот конкурс беа наградени млади Бугари во странство во две возрасни категории од Франција, Украина, Молдавија, САД и Белгија, а специјална пофалница доби и Бугарин кој живее во Грција.

