Јотова: Директна авиолинија меѓу Софија и Ријад би отворила нови можности за бизнисот и туризмот
„Отворањето директна авиолинија меѓу Софија и Ријад ќе создаде нови можности за бизнисот, туризмот и културната размена меѓу нашите две земји, кои имаат долга историја“, изјави бугарската претседателка Илијана Јотова на средбата во Софија со саудискиот министер за внатрешни работи, принцот Абдулазиз бин Сауд бин Наиф Ал Сауд, пренесува „БГ Туризам“.
На средбата, на која присуствуваше и бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, Јотова ја издвои Саудиска Арабија како еден од најперспективните партнери на Бугарија на Блискиот Исток. Според неа, поблиските врски во областа на безбедноста можат да ја поттикнат соработката и во други области.
Јотова оцени дека конфликтот во Персискиот Залив и нарушувањето на слободната пловидба низ Ормускиот Теснец ја загрозуваат сигурноста на снабдувањето во светот. Таа ја нагласи улогата на Саудиска Арабија во намалувањето на тензиите и нормализирањето на состојбата во регионот.
Бугарската претседателка посочи дека саудиската стратегија за модернизација „Визија 2030“ им отвора можности за учество во проекти на бугарските компании со искуство во вештачката интелигенција и високите технологии. Бугарија е заинтересирана и за форумот „Иницијатива за идни инвестиции“, преку кој саудискиот престолонаследник и премиер, принцот Мохамед бин Салман, ги поттикнува контактите меѓу јавниот и приватниот сектор.
Саудискиот министер, во име на престолонаследникот, ѝ го честита на Јотова изборот за претседателка. Тој ја оцени Бугарија како сигурен партнер и изрази оптимизам за натамошниот развој на билатералните односи. Јотова ја повтори поканата до принцот Мохамед бин Салман да ја посети Бугарија.
