ЈУЖНОБАНОВИНСКИОТ СОН НА „ВМРОВКАТА“ ИВАНКА И НАРОДНИТЕ ПАРИ НА „ПРОЛЕТЕРОТ“АПАСИЕВ
Во демантот на професорката Василевска објавен на нејзиниот facebook профил не прочитав дека, делот во кој таа повикува на можноста за активирање на вториот дел од референдумското прашање од 1991 година, а имено, за правото на влез на Македонија во иден сојуз со останатите суверени држави на Југославија, е испревртен од страна на интернет порталот „Стање ствари“. Искрено силно се надевав дека и самиот портал се полни со сатирични вести од типот на Nujz.net, но мојата надеж си замина со самиот демант на професорката.
Пробниот балон не Ви помина, жалам! Да, многу поголем скандал ќе се кренеше ако да речеме некој наш политичар се појавеше во бугарски медиум со став дека спасот за Македонија е сојуз со Бугарија, но фактот дека македонската јавност не ја прифати оваа „идеја“ со песна за Јован Бабунски или Ужичко коло е реалност. Дечките од Белата палата треба да смислат нешто ново, за да ги анимираат заспаните facebook патриоти со фалш профили кои работат на копче. Дајте нова манџа, бидејќи оваа што сакавте пробно да ја протнете, нашите татковци и мајки ја јадеа пред речиси 30-тина години, со други зборови истата е бајаги скисната и не е погодна за јадење.
Југословенските и јужнобановинските филмови не му стојат на ВМРО-ДПМНЕ, пред се бидејќи таа партија себеси се дефинира како патриотска и претендира дека стои „на браникот на македонските национални интереси“. Македонски национален интерес не е и не може да биде било каков сојуз со Србија, па макар и истиот да е инспириран од тоталната србоманска небулоза дека само Србија ги признава Македонците како Македонци.
Ѓ-ѓо Василевска, со сета почит кон Вас како млад научен работник и професор, би сакал да ве посоветувам да помислите на прашањето, што воопшто барате во ВМРО-ДПМНЕ? Вашето место е кај бандата на Бачев, бидејќи тој вееше руски знамиња на протестите кога се сменуваше уставното име на Македонија. Вие во Вашиот демант не напишавте дека Вашиот став за „очекуваната помош од Русија, која не дојде“ е пренесен лажно. Вашиот југословенско-јужнобановински филм како да е пишуван од пајтонџиите во „Единствена Македонија“. Евтин е, популистички е и што е најважно не проаѓа кај никој, што прочитал нешто повеќе од десетина книги. На Вашите лесни за варење фантазии можат да се закачат само полуписмени, неписмени или тотално ограничени луѓе кои немаат што да прават друго освен да држат предавања по порнонационализам на социјалните мрежи. Ако ова е Вашата таргет група, нема потреба да бидете член на ИК на ДПМНЕ, можете и маскирана како „независниот аналитичар“ Пандов да го постигнете истиот резултат.
Филмот „никогаш Северна, само Јужна Бановина“ нема да го гледате, Македонија оди по друг европски, а не евроазиски пат. Ќе се убедите и самата во тоа, ако Вашиот шеф Мицкоски стане премиер. Тој нема да го врати старото уставно име, како што Љубчо Георгиевски не го врати старото знаме. Тој нема да продава популистички фори во стилот на Антонијо Милошоски, со криење или чкртање на Северна, бидејќи нема да има потреба од тоа. Веќе ќе биде на власт и ќе се правда со лошите комуњари, кои со уцени го смениле името… Мицкоски ќе го повторува Мицотакис, а Вие? Вие најверојатно нема да бидете дел од ИК на ДПМНЕ, за да не се лути албанскиот партнер на Вашата партија, ако воопшто се најде партија во албанскиот блок, што ќе сака да коалицира со ДПМНЕ.
Вчера, Истражувачката репортерска лабораторија Македонија, објави податоци според кои вкупно 39 политички партии добиле 4.583.000 евра од буџетот согласно новиот Закон за финансирање на политичките партии. Нема потреба да пишувам дека најмногу пари од наведената сума, заминала кај двете партии на статус квото, кои никако да се наситат од трошењето пари на граѓаните. Тоа го прават на смени веќе 28 години, но како што изгледа додека не добијат црвен картон од граѓаните нема да прекинат.
Мене ми направи впечаток друго. Партијата на левичарот „жртва на транзицијата“ Апасиев, добила речиси 100 илјади евра народни пари, па сакав од мојата скромна трибуна, да го прашам господинот професор загрижен за бедните и работничката класа, што ќе прави неговата пролетерска партија со тие средства?
Јас би му предложил две варијанти:
Првата е да ги донира за напредни деца од работнички фамилии, кои ете немаат пари да завршат високо образование, а втората е уште попролетерска, а имено, да изгради мал бизнис, во кој главниот збор ќе го имаат работниците, а не менаџерите. Профитот од бизнисот нека го остави на работниците, а тој самиот нема никаква потреба да се јавува како сопственик на малата фирма. Така Апасиев на дело ќе ја покаже својата загриженост за работничката класа.
Многу е лесно професоре Апасиев, од студијата на мејнстрим медиумите (сопственост на истите олигарси од кои ќе земате кога ќе дојдете на власт)да изигравате Робеспјер со популистички пароли како треба да се земе од богатите и да се даде на бедните, ете сега имате прекрасна шанса тие речиси 100 илјади евра да ги вратите таму, од каде што ви ги дале, а имено во џебовите на граѓаните. Ќе го направите ли тоа? Да Ви кажам искрено, не верувам.
Автор: Атанас Величков

