|

Кацарска: Со одлуката за дополнување на платите во Министерството за финансии е нарушено владеењето на правото

Вработените во Министерството за финансии излегоа на протест пред зградата на Уставниот суд по одлуката со која се замрзна исплатата на надополнувањето на основната плата за 30 отсто на вработените во Министерството и во другите органи на управата, кои се опфатени со автентичното толкување.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, побара од претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, да им одговори како тоа во најбрз можен рок се зема иницијативата поведена од граѓанинот против член 66 став 3 од Законот за буџетите, со која се донесе привремена мерка и за која на вработените од Министерството за финансии и на сите органи нема веќе да им се исплаќа дополнувањето на платата од 30 отсто.

Кацарска да објасни и како сите иницијативи за нивните плати се одбиваат, а таа за платите на вработените во Министерството за финансии веднаш е усвоена, беше порачано на протестот.

Прашуваат дали вработените ќе ги враќаат парите што ги земаа до сега, но и на кој начин вработените во Уставниот суд земаат плата – дали имаат закон, колективен договор или по некој друг подзаконски акт се зема плата.

„До кога во нашата држава системот ’кадија те тужи, кадија те суди’ ќе функционира“, додаде Деаноски.

Претседателката Кацарска вели дека Уставниот суд секогаш ги носи одлуките за секој предмет во насока на тоа дали дали колективните договори и другите пониски акти се во согласност со Уставот и законите.

Во конкретниот предмет, вели Кацарска, нарушено е владеењето на правото со категоријата вработени што добија, не додатоци, туку дополнување на платите.

„Вработените немаат утврдено такво право ниту во законот ниту во колективниот договор. Член 9 од Уставот вели дека граѓаните се еднакви. Тука е опфатена само една група вработени“, рече Кацарска.

На прашањето зошто толку бргу рагирале во овој случај, Кацарска рече дека времетрањето на постапката е значително намалена, но и не може да стават знак за равенство за секој предмет.

Слични Објави