КАРАКАЧАНОВ КАТЕГОРИЧЕН: ТОА ДЕКА КАМЧЕВ ЌЕ БЕГАЛ СО ПОМОШ НА БУГАРСКИ АГЕНТИ Е ГЛУПОСТ И ЛАГА НА ВИКТОР ДИМОВСКИ!

//

Ако сакавме да му помогнеме на Камчев, ќе го изнесевме во дипломатско возило и никој немаше да знае, вели Каракачанов.

Македонија е земја во која власта на Зоран Заев сака да им ги земе парите со рекет на успешните бизнисмени, а успешните луѓе да ги прогонува, вели Красимир Каракачанов, вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија во телефонска изјава за „Инфомакс“, пренесува Плус инфо.

– Ако сакал Јордан Камчев да избега од Македонија тој воопшто немаше да се врати таму. Тој е бугарски државјанин, беше тука кај нас минатата година, можеше и да не се врати. Имаше можност и со бугарската лична карта легално да ги премине границите со Грција, Бугарија и Албанија – тоа тој не го направи – вели Каракачанов.

Бегство на бизнисмен од класата на Орце Камчев, објаснува Каракачанов, е многу тешко да биде детектирано дури и за бугарските служби бидејќи тие луѓе имаат многу пари, и ако имаат вистинска намера да избегаат од државата најчесто можат да си ја купат слободата и со туѓа државна помош да заминат.

– Бегство со помош на трета држава се организира многу едноставно – ќе го земат со дипломатско возило и ќе го извадат од државата. И толку – објаснува Каракачанов за „Инфомакс“, пренесува Плус инфо.

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана го обвини директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски за „лажење“ и „тропање глупости“, нарекувајќи го „бандит“.



– Тие информации дека бугарски агенти му помагале на Јордан Камчев да организира бегство од Македонија се целосна глупост. Лага на Виктор Димовски и неговата банда. Со такви измислени работи власта во земји како вашата имаат една цел – да ги избркаат успешните луѓе од државата – како со Никола Груевски – а на бизнисмените да им ги земат парите со рекет. Јасно е тоа. Тоа се случува и кај вас – тврди Каракачанов, посочувајќи ја владата на Зоран Заев.

Македонија, вели Каракачанов е држава заробена од банди како онаа на Виктор Димовски, луѓе со сомнителен „произход“ кои работат за странски служби.

Зоран Заев, според Каракачанов е човекот кој ги генерира сите проблеми во државата.

Претходна статија

КИМ МЕХМЕТИ ЗА БГНЕС: НЕ МОЖЕ ДА ИМА ДРЖАВА СО ФАЛСИФИКУВАН ИДЕНТИТЕТ

Следна статија

ВМРО-БНД СО КОНЦЕРТ ПОДАРОК ЗА СИТЕ БУГАРИ ЈА ЗАТВОРИ ПРЕДИЗБОРНАТА КАМПАЊА

Најново од Вести