Келнерот доаѓа!
Пишува: Бране Стефановски/Слободен печат
По толку долг период на даночна комоција, речиси е невозможно и многу ризично би било зголемување на даноците. Сиромашните ќе излезат на протести, а богатите ќе ја урнат власта со тоа што веќе нема да ја финасираат со парите од тендерите.
Има една стара гатанка што вели: „Што значи – еден иде, сите ќе си го добијат?“ Одговорот е: „Келнерот“! Кратка ама поучна, секогаш на крајот на ручекот доаѓа келнерот да наплати. Според процените, државата на околу 1.500 компании им должи сума од 250 до 300 милиони евра. Штом стопанствениците кренаа глас и ја повикаа државата да им го врати ДДВ-то, значи дека веќе не можат да ја кријат државата, за која секогаш се фалеа дека им е партнер и при секоја промена на власта, на која до вчера ѝ беа лојални и љубезни, ѝ вртеа грб и со свечени костуми ја пречекуваа новата во големата сала на Стопанската комора за да се запознаат со новиот премиер, кокетирајќи со него со надеж дека ќе ги земе предвид при доделувањето на тендерите. Деновиве читаме дека само 10 фирми во последните пет години добиле државни тендери во вредност од 1 милијарда и 280 милиони евра. Сигурно се тие што секогаш седат во првиот ред во салата на Комората.
Тоа што претседателот на Комората му дава дозвола на премиерот да седне или да стане, тоа е само глума пред новинарите, инаку секогаш е главен премиерот, нема тука…
Но, компаниите алармираат дека веќе им е нарушена ликвидноста. Странските партнери за кои работи текстилната индустрија, и тоа исклучиво „лон“, не чекаат, веднаш ќе си најдат нови партнери, а нашите работници ќе го фатат возот за Германија. Пак ли ќе се бара некоја субвенција од државниот буџет, во кој парите се собираат со стапка на ДДВ од 18% и повластена од 5%, а сите други даноци со стапка од 10%, со проектиран буџетски дефицит за идната година од 4% од БДП и самоволно трошење во интерес на опстанокот на коалициите?
Оваа даночна шема ја инсталира власта која се расфрлаше со парите за изградба на камени чудовишта и стиропор во „СК 2014“, која на странските инвеститори им дозволи да остваруваат екстра профит на сметка на нашата евтина работна сила. Концесиите за рудниците исто така не мораат да се плаќаат, којзнае кај плаќаат, а и важно ни е да кажеме кои фирми работат на наш терен. Е, сега, дојде време келнерот да тргне да го наплати цехот за тој рамен данок, кој создава постојано зголемување на буџетскиот дефицит, а не обратно. Кога економистите предупредуваа дека данокот не може да биде ист за сите, туку треба да има оданочување на богатството за да се намалува разликата меѓу богатите и сиромашните, која кај нас е слична на разликата во јужноамериканските системи, сите молчеа!? Затоа што тоа се однесуваше токму на таа елита и затоа тој предлог не дојде на дневен ред. Во тој момент се заборавија европските начела на рамноправност на почитување на човековите права – да имаат сите за леб. Да, и ние имаме ресорно министерство и социјални фондови, но тоа е далеку од можноста за задоволување на барем поголемиот дел од потребите на сиромаштијата.
Во Европа, во која божем сакаме да влеземе, а изгледа не сакаме, има многу квалитетни примери на даночни системи, кои наместо дефицит, во буџетот „калапат“ суфицит.
Според студијата на „Такс фаундејшн“ (Tax Foundation), даноците од 20 отсто на корпоративниот профит и личниот доход и данокот на имот, што е поврзан со вредноста на земјиштето, а не со инвестициите, на Естонија ѝ доделува водечка позиција за ефективноста на даночните системи во Европа.
„Капиталот е многу подвижен. Бизнисите можат да изберат да инвестираат во кој било број земји низ светот за да најдат највисока стапка на поврат“, се вели во извештајот.
Доскорешниот француски премиер Мишел Барние неодамна објави дека владата ќе собере милијарди евра со зголемување на даноците на големите бизниси и на богатите, бидејќи се обидува да го намали дефицитот на земјата – меѓу највисоките во блокот – во согласност со правилата на ЕУ. Во Шведска граѓаните плаќаат данок на доход по стапки 30% до 55%.
Чешка ја подигна својата корпоративна даночна стапка од 19% на 21%.
Развиените земји во рамките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) веќе се согласија дека добивката на големите корпорации треба да се оданочува со минимален данок од 15%. Има уште многу за набројување…
Македонија собира околу 17 отсто од бруто-домашниот производ во даночни приходи, што е многу помалку во однос на земјите од ЕУ во кои процентот изнесува 25-50 отсто.
Се разбира дека кај нас не можат да се замислат толкави даночни стапки, затоа што секое нарушување на сегашниот систем ќе предизвика турбуленции. Но, како инаку да се намали разликата меѓу екстремно богатите и сиромашните.
По толку долг период на даночна комоција, речиси е невозможно и многу ризично би било зголемување на даноците. Сиромашните ќе излезат на протести, а богатите ќе ја урнат власта со тоа што веќе нема да ја финансираат со парите од тендерите.
Иселувањето е огромно, нема веќе од каде да се зафаќа, бројот на фирмите исто така се намалува, тие мака мачат да ја исплатат минималната плата – административно пропишана, или ако ја исполнат законската одредба, ќе бидат принудени да отпуштат половина од вработените.
Тоа што популистички не се земаше од богатите сега мора да се плати.
Кога ќе дојде келнерот, се знае кој ќе плати, тој што секогаш и за сè плаќа, ама не е свесен за тоа, туку се чувствува гордо, иако камчето во новиот чевел веќе му направило рана. Се разбира дека ќе молчи, зашто од многу викање и гордост, засипна.
Келнерот е тргнат и по другите маси на кои глумиме дипломатија, а заостанавме зад Албанија, глумиме одбрана, која да не беше под контрола на НАТО, досега Македонија ќе беше распукана како Шар Планина, на улица можете да бидете претепани и вие да испаднете „криви“, знамиња на друга држава – најголемата немоќ, глумиме економија – кажуваме дека имаме поголем раст од Словенија, а не кажуваме дека просечната нето-плата во август годинава таму изнесувала 1.500 евра, глумиме земјоделство, а немаме храна, енергетика – а имаме субвенционирана цена на струјата која деновиве поскапува, наука за која одвојуваме само 0,3% од БДП во годината, уметност и култура, а речиси и да не произведуваме нова…
Но, не возбудувајте се, додека има луѓе ќе има и пари, келнерот ќе ја заврши смената, следната – ќе дојде друг со чиста кошула и со свежа насмевка на лицето.
