| |

8 Март со еден куп прашалници

Најпрво сакам да им го честитам светскиот празник на сите жени, 8-ми Март, Меѓнароден ден на жената. На овој ден се одбележува борбата за социјална, економска и политичка рамноправност со мажите.

Но, дали во нашата држава жената е рамноправно третирана ? Зошто се во помал број жените претседатели на држави, премиери и слични функции? Зошто на една успешна бизнис жена сеуште се гледаат само атрибутите кои таа ги поседува како жена, а не она што таа го работи и го постигнала? Што да кажеме за насилството врз жените? Каде се социјалните служби за самохраните мајки? Мобинг на работно место?! – Многу прашања, а институтциите се тотално изгубени на дело. Покрај доста актуелните теми со промена на името, двојазичноста, патните трошоци на пратениците, ваквите појави кои се многу чести во последно време не се ни споменуваат и се занемарени.

Нашата држава има усвоено голем број на меѓународни документи донесени од страна на ООН, ЕУ и Европскиот совет поврзани со еднаквите можности на мажите и жените. Дури имаме прифатено и Конвенција за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, но тоа е сеуште само на хартија, практиката за жал заостанува. Слаба е информираноста за постоење на помош и решение за овие состојби. Институциите тешко достапни, администрацијата арогантна и незаинтересирана.

8-ми Март е денот кога жените организирано треба да застанат во одбрана на рамноправноста со мажите, на своите човекови права и достоинство. Се надевам дека денешниот ден ќе биде поттик за поголемо заложување и поддршка на жените.

Автор: Јована Спасевска

Слични Објави