„КЕМЕТ ЕЛЕКТРОНИКС“ ИНВЕСТИРА УШТЕ 10 МИЛИОНИ ЕВРА И ГО УДВОЈУВА БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ

Американската компанија за производство на електронски компоненети „Кемет Електроникс“ најави проширување на капацитетот на својата фабрика во ТИРЗ Бунарџик, каде  работи од 2011 година, пренесува Вечер.

Ова проширување значи нова инвестиција од 10 милиони евра, од кои еден дел ќе се вложат во Центар за истражување и развој, како и удвојување на бројот на вработени.

На вчерашната презентација на инвестицијата оперативниот директор на “Кемет електроникс“ во Македонија, Тихомир Скерлев,  појасни дека големата побарувачка на електрични и хибридни возила на глобалниот пазар диктирала потреба од отворање нови организациони единици во компанијата, па така, отворен е центар за истражување и развој на нови кондензатори, како и просторија за истражување на нови материјали.

-Заради големата побарувачка на електрични и хибридни возила оваа година е инсталирана нова линија за автоматско производство на кондензатори, вредна 2,5 милиони евра. Овој тренд го очекуваме и во иднина и за да задоволиме што поголем број на барања почнуваме со проширување на капацитетите со изградба на нова хала и набавка на нови линии за автоматско полнење и производство на кондензатори, во вредност од 10 милиони евра. Халата ќе почне да се гради во август годинава, а производството треба да стартува во мај 2022 година. Бројот на вработени ќе се зголеми на 500, рече тој.

Премиерот Зоран Заев потенцира дека за нас особено значајно е тоа што ова компанија одлучила да ги прошири своите капацитети.

-Тоа говори за довербата на компанијата во Северна Македонија која има мотивирачка улога и е пријателска средина за дополнителен развој на бизнисот и за нови инвестициски циклуси, рече тој.

Тој додаде дека нашата држава е мала, но е условите што ги нуди ја прават голем партер, ако што се и другите земји во кои „Кемет електроникс“ има свои компании.



Според директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски во оваа компанија платите се зголемени за шест проценти, а бројот на вработени е поголем за 35 проценти од оној на кој се обврзала со потпишаниот договор. Тој појаснува дека компанијата планирала 200, а сега има 270 вработени.

– Компанијата „Кемет Електроникс“ веќе инвестираше  2,5 милиони евра во 2021година. Првата фаза  се реализираше во изминатите 10 години, рече Деспотовски.

Тој потсети дека извозот од компаниите кои работат во зоните во март е зголемен за 41 процент, што е за 30 проценти повеќе во однос на истиот месец лани. Ова, според Деспотовски е ефект на зачленувањето на државата во НАТО.

-Очекуваме овие бројки да растат, вели тој.

„Кемет Електроникс“ ја отвори фабриката во Скопје во октомври 2012 година. Во неа се произведуваат  електронски производи наменети за вселенската, авионската, воената и автомобилската индустрија. Фабриката е лоцирана во технолошко-индустриската развој на зона Бунарџик на површина од 11.000 квадратни метри, од кои  9.000 се производствен капацитет.