КИДНАПИРАНИ МОЗОЦИ

Истакнато Краток спој Позиција

Г-не Заев денеска внимателно ја слушав Вашата заедничка прес конференција со почитуваниот министер за финансии г-нот Тевдовски, па би сакал јавно да Ви поставам неколку прашања, онака јавно како што Вие  го споделивте Вашиот се надевам само сомнеж дека екс премиерот Груевски, како киднапирано лице  ја напуштил територијата на Република Македонија.

Велите дека нема пари за да се исполнат барањата на медицинските сестри за покачување на нивните плати со 10 % од септември, па ќе го спроведете покачувањето од јануари следната година. Убаво е што сте запознат со фактот дека медицинските сестри, а и другите вработени во сферата на здравството се дефицитарен кадар во нашата земја, па да ве прашам, ако веќе нема пари за медицинските работници и нивните „астрономски барања“, од каде се најдоа парите за познатата по својата иновативност снаа на Цветанка Ласкова? Би ми било задоволство да слушнам од Вас, од каде се најдоа пари за хортикултура и лубриканти? Да знам, можеби Ви станав досаден со муабетот за цвеќињата и иновациите, ама тие прашања го чекаат својот одговор.

Мене фактот што можете да најдете пари за сè и сешто, ама не и за покачување на платите на медицинските сестри навистина ме растревожува!!!

Во однос на Вашиот сомнеж околу можното киднапирање на г-нот Груевски, сте во право кога велите дека истото ќе отвори ред други прашања кои имаат „дебела“ суштина. Првото нешто што ми текнува да Ве прашам, а е со „дебела“ суштина, е следното.

Господине премиер, зарем мислите дека во Македонија освен Вашите горди послушници, не постојат и други луѓе? Луѓе кои не се со киднапирани мозоци?

Токму тие луѓе г-не Заев, ќе Ве прашаат: Зошто е сиот овој циркус? Ако целта Ви е да го оправдате (не)работењето на министерот за внатрешни работи Спасовски, нема ли некаков друг начин да го направите тоа без да има потреба да ни ја потценувате интелигенцијата? Тоа ли го измислија Вашите скапо платени советници? Јас можам само да Ве посоветувам да го реабилитирате Мартин Протуѓер и да го именувате за Ваш советник. Мартин е паметно момче и неговите „приказни“ се на светлосни години како квалитет од водевилните афоризми со кои ве „хранат“ Вашите советници. Твитерашките бисери родени од главите на луѓе кои како одамна да немале интимен контакт само го рушат Вашиот кредибилитет.

Реабилитирајте го Мартин. Вие сте моќен човек можете да го направите тоа. Се сеќавам како веднаш после Вашиот повик за помирување од собраниската говорница, на двајца од тројцата пратеници обвинети за настаните од 27 април им беше укината мерката домашен притвор.  Таа експедитивност се повтори и пред неколку дена. Спасовски „повика на сериозност“ околу останатите обвинети во предметите на СЈО во емисијата „Само вистина“ и веднаш на другиот ден Миле Јанакиески и Кирил Божиновски се најдоа во притвор. Адвокатот на Јанакиески во изјава за медиумите спомна за некаква службена белешка од УБК според која Јанакиески и Божиновски подготвувале бегство, па да Ве прашам, за Груевски имаше ли таква белешка или токму во тој момент оперативците одговорни за службените белешки биле зафатени со друго или пак користеле денови од својот годишен одмор?

Вие сте моќен човек г-не Заев, па би сакал да ги слушнам одговорите на прашањата што Ви ги поставив. Ве молам лично да ми одговорите, не им ја оставајте таа задача на Вашите советници, сепак мојот мозок сè уште ме служи добро и со сигурност не е киднапиран.

Автор: Aтанас Величков, главен уредник на порталот „Трибуна“