Ќе има ли втор референдум за „Брегзит“?
Најжестокиот приврзаник на „Брегзит“, Најџел Фараж, ја крена на нозе Велика Британија и цела Европа, откако повика на нов референдум. Тој рече дека новото гласање трајно ќе ги „затне“ устите на оние кои „ мрморат“ поради излезот на Велика Британија од ЕУ. Неговите противници во Велика Британија и во Европа се радуваат. Тие веруваат дека ако Британците повторно гласаат, исходот од референдумот ќе изгледа поинаков и „Брегзит“ нема да се одржи.
Но, Најџел Фараж повторно ја промени својата позиција. Во онлајн-изданието на „Дејли телеграф“ тој меѓу другото вели следново: „За да бидеме на чисто, морам да кажам дека јас не сакам втор референдум“. Неговиот страв е дека „парламентот може да наметне нов референдум за земјата“. Фараж смета дека договорот со ЕУ може да биде толку „непривлечен“ за Велика Британија, дека Долниот дом на парламентот ќе го отфрли и ќе наметне втор референдум.
„Тогаш прашањето ќе биде конечно решено за цела една генерација“, бидејќи поддршката за излез од ЕУ ќе биде „многу поголема од првиот пат“, предвидува тој. На референдумот во 2016 година, 52 отсто од Британците гласаа за „Брегзит“, додека 48 отсто се спротивставија.
Од чие име зборува Фараж?
Многумина сепак се сомневаат во тоа. Либерал-демократите, како и дел од лабуристите и конзервативците сметаат дека голем дел од населението своевремено не било свесно за последиците од „Брегзит“, а многу од избирачите сега жалат за својот избор. Затоа Најџел Фараж доби многу пофалби за неговиот предлог.
„Веројатно за прв пат во својот живот Фараж рече нешто точно“, саркастично забележа пратеникот од Лабуристичката партија, Чука Умуна. А Том Брејк од Либералдемократската партија предвидува дека Фараж не смее да биде толку сигурен дека ќе победи. „Денес, луѓето се многу посвесни за трошоците на „Брегзит“ и лажните тврдења на неговите поддржувачи“, рече тој. (Прочитајте го целиот напис овде)