|

Ќе испорачаме реформи и одлучност, а ЕУ да испорача членство во догледно време, порача Маричиќ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во видеообраќање од Бечиќи, каде што присуствува на состанокот на министри за ЕУ, по повод завршувањето на претседавањето на Црна Гора со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, порачува дека ќе бидат испорачани резултати од наша страна, но бара и ЕУ да испорача членство во догледно време.

„Регионот веќе направи позитивни движења, сега е време ЕУ-интеграцијата да земе полн замав. Дојдено е време за сериозен план за проширување од страна на ЕУ. Конкретен план со кој ЕУ ќе покаже дека не само со зборови туку и со дела е фокусирана на евроинтеграцијата на регионот. Ние ќе испорачаме реформи и тешки одлуки, а ЕУ да испорача членство до догледно време“, вели Маричиќ.

Во врска со преземањето на претседавањето на Северна Македонија со Процесот за соработка на Југоисточна Европа како еден од главните форуми за регионален дијалог, Маричиќ посочи дека тоа е „додадена вредност на нашата посветеност на градење општество засновано на демократски вредности и економски просперитет со јасна визија за иднината на регионот како целосно интегриран во Европската Унија“ укажувајќи дека за време на претседавањето „Северна Македонија ќе остане силно посветена на унапредување на регионалната економска соработка и инфраструктурно поврзување, владеење на правото, човековите права и функционирање на демократските институции“.

Потребна ни е политичка волја и одговорност од сите политички субјекти, рече тој, со цел да продолжиме да напредуваме во преговорите со ЕУ и за македонските граѓани да испорачаме подобар животен стандард, а за државата економски раст.

„Членството на Западен Балкан во ЕУ, без сомнеж, е инвестиција во европскиот мир и безбедност, со заедничка акција да го направиме достижно и реално“, додаде тој.

Денеска, во Бечиќи се одржуваат два состанока на министрите за ЕУ и министрите за надворешни работи како активности со кои Подгорица завршува со претседателството со Процесот за соработка на Југоисточна Европа, а го презема Северна Македонија, официјално од 1 јули.



Слични Објави