| |

ЌЕ СЕ НАЈДЕ ЛИ ЈУНАК, КОЈ ЌЕ МУ РЕЧЕ НА АХМЕТИ: „ДОСТА ЈЕ БИЛО АНТИЌУ ПОВУЦИ СЕ“?!

Кога може командант Форина да биде спикер во македонскиот парламент, поранешен заменик министер и министер за одбрана, а командант Вентили да биде министер по секоја цена па макар и да му се создаде специјално министерство (за политички систем), зошто обвинетиот за случајот „Мавровски работници“, Хисен Џемаили да не може да стане министер за странски инвестиции?!

Али Ахмети му предложил и Џемаили прифатил, што е тука чудно. Па зарем Љубе Бошкоски не е советник за странски инвестиции, зарем таков не е и Александар Ружин? Хисен има далеку побогато CV, барем од вториот, кој може да се пофали со едно многу вирално видео во кола, живеењето во Брисел додека татко му бил амбасадор и нормално дека се забављал со Антонија Шола.

Што сака да докаже Ахмети? Дека е газда во државата? Нема потреба, и малите деца веќе знаат дека СДСМ и ДПМНЕ се менуваат, ама ДУИ е вечна.

Али Ахмети е фактор во државата, ама како да не е убеден во тоа, па не испушта прилика да направи некаква демонстрација. Неговите луѓе си прават што сакаат во Македонија? Никој не може да им побара сметка за било што. Неговите луѓе закон не ги фаќа? Тие не го признаваат македонскиот суд, бидејќи како едни достојни наследници на  марксистот и ленинистот дајо Фазли,  го признаваат само судот на партијата, а партијата тоа е ТОЈ командант Али. Ако си функционер на ДУИ можеш да го наебеш само ако командантот ти се налути, нема друг начин, не и во Македонија.

Али Ахмети е како една современа верзија на Иван Михајлов. Тој не дава влакно да им фали на неговите најблиски соработници и во истото време нема милост кон неистомислениците.

Последната демонстрација на таа негова моќ беше потписот на командант Форина, со кој на пратеникот од ДУИ Ејуп Алими, му беше „извинето“ отсуството од судското рочиште за случајот Титаник 3 во којшто последниот е осомничен за уништување на изборен материјал за време на локалните избори во 2013 г. За нерегуларности и изборни инциденти беше осомничен и осуден Агим Красниќи во 2008 г, ама на него немаше кој да му потпише „оправдано отсуство“. Тој не игра во екипата на Али, затоа и лежеше.

Има ли потреба да ги спомнувам случаите со Артан Груби на скопското Кале, Бекир Асани со Тодор Петров и пајакот, Нефи Усеини и неговото изигрување паша во Охрид, дивоградбите на газда Мерко во Струга, Блерим Беџети со дивата платформа на Матка? Еј Блерим со референдум се закани, ако Заев се осмели да му чепне по ингеренциите. На д-р Арбен Таравари како градоначалник  на општина Гостивар му беа одземени ингеренциите во сферата на образованието, ама на докторот не му текна ваква паметна идеја, да демонстрира моќ со најави за референдум. И докторот не игра во тимот на Али.

Сите знаеме кои играат веќе 17 години заедно со тимот на Али. Сите знаеме дека Али е прекрасен плејмејкер. Сите знаеме, ама се чудиме, како така осомничен за изживување врз цивили во време на воен конфликт добил понуда за министерско место. Не се чудете, ако Иван Михајлов пред 90 години ја тресел Европа, веќе 17 години Али Ахмети ја тресе Македонија. Ја тресе и не мисли за пензија, оти нема јунак кој да му рече „доста је било Антиќу, повуци се“!!!

Автор: Атанас Величков

Слични Објави