ЌЕ ЗАПОЧНЕ ВГРАДУВАЊЕТО НА МИКРОЧИПОВИ КАЈ ДОМАШНИТЕ МИЛЕНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА
Од Агенцијата за храна и ветеринарство соопштуваат дека конечно се набавени микрочиповите за идентификација на домашните миленици. Тие се наоѓаат во магацините и наскоро преку ветеринарните служби ќе бидат распоредени. Вградувањето ќе го прават ветеринарнте друштва каде сопствениците ќе треба претходно да аплицираат.
Вградувањето на микрочиповите е уредено со Правилникот за идентификација и регистрација на домашните миленици, чии одредби се применуваат на кучиња и мачки кои согласно годишната наредба треба задолжително да се вакцинираат против беснило и на кучињата скитници кои согласно со Законот за заштита и благосостојба на животните се заловуваат од страна на општините, општините во градот Скопје, односно градот Скопје.
Овластеното ветернинарно друштво ги внесува следниве податоци за животното и одгледувачот во електронската база:
а) за животното: име на домашниот миленик; датум на раѓање; раса; пол; боја на влакното; идентификациски број на микрочипот; датум на апликација на микрочипот; број на пасош и датум на издавање на пасошот
б) за одгледувачот: име и презиме; единствен матичен број; адреса на живеење и телефонски број
в) податоци за здравствената состојба на животните (вакцинации, ревакцинации и сл.).
Микрочипот се аплицира со стерилен апликатор, поткожно во средниот дел на вратниот предел, од левата страна на телото на животното. Апликацијата е еднократна, а микрочипот е траен, од моментот на апликацијата до крајот на неговиот живот.
Микрочиповите треба да се нештетни за животните и да не предизвикуваат инфламаторни или други промени по нивната апликација.

