Книга со текстови од весникот на Пејо Јаворов „Свобода или смърт“ излегува по повод 145-годишнината од раѓањето на поетот
Факсимилско издание со текст и коментар на рачно напишаниот весник „Свобода или смърт! Бунтовен лист“, уредуван од Пејо Јаворов, излезе од печат по повод 145-годишнината од раѓањето на поетот, јавуваат издавачите од „Книги за сите“.
Весникот бил нелегален орган на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО) од почетокот на февруари до крајот на април 1903 година. Истиот зазема централно место во биографијата на Јаворов како публицист и револуционер, коментираат издавачите. „Истовремено, публикацијата претставува интересна страница во севкупната историја на бугарската литература и журналистика. Освен публицистиката, која и денес има огромна вредност, во изданијата на весникот се вклучени и песните на Јаворов или делови од нив, а имено „Хајдушки песни“, „Арменци“и др, додадаваат од „Книги за сите“.
„Свобода или смърт! „Бунтовен лист“ е рачно пишуван весник за чие создавање е користена хектографска машина. До денес се откриени вкупно 12 броеви од изданието со тираж од околу 100 примероци. Технички асистент на Јаворов во пишувањето на весникот е деецот на ВМОРО Мицо Кирилиев, комита од четата на Гоце Делчев. Ракописот што може да се види на факсимилите и со кој е испишана секоја страница на 12-те броеви на весникот, не е на Пејо Јаворов, туку на Мицо Кирилиев, велат издавачите на книгата што го носи насловот на весникот.
Читањето на страниците од сите броеви го спроведе доц. Милкана Бошнакова врз основа на оригиналите на „Свобода или смърт! Бунтовен лист“, зачувани во Бугарскиот историски архив при Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ (НБКМ-БИА) во Софија. Иницијатор за издавањето на книгата е проф. Димитрина Нанева – правнука на Јаворов по линија на неговата внука Малина, во чиј спомен е објавено изданието, додаваат од „Книги за сите“.

