Коџабашев: Руската Федерација безусловно да ги повлече сите свои сили и воена опрема од суверената територија на Украина во нејзините меѓународно признати граници
Заменик министерот за надворешни работи Кодстадин Коџабашев учествува на 11-тата вонредна специјална седница на Генералното собрание на ОН за Украина. За време на посетата на Њујорк, бугарскиот заменик министер ќе учествува на голем број настани посветени на годишнината од почетокот на руската воена агресија врз Украина. Ова го соопшти Министерството за надворешни работи.
Во својот говор на вонредната седница, заменик министерот Коџабашев ја потврди конзистентната и категорична позиција на Бугарија во однос на силната поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, вклучително и територијалните води, како и за нејзината европска иднина. Тој ги истакна и конзистентните обединети дејствија на Генералното собрание за спротивставување на овој чин на агресија и кршење на Повелбата на ОН и меѓународното право.
Бугарскиот заменик министер посочи дека нашата земја инсистира Руската Федерација безусловно да ги повлече сите свои сили и воена опрема од суверената територија на Украина во нејзините меѓународно признати граници. Бугарија верува во принципите на целосно усогласување со меѓународното право и во барање одговорност од агресорот, се наведува во соопштението на МНР.
„Инвазијата во Украина донесе илјадници жртви и повредени, масовно раселување на цивили и катастрофално уништување на критичната цивилна инфраструктура“, рече Костадин Коџабашев, истакнувајќи дека Бугарија ќе продолжи да ја дава потребната поддршка на сите граѓани кои бегаат од војната. Акцент беше ставен и на подготвеноста на Бугарија да учествува според своите можности во обновата на Украина.
Заменик министерот за надворешни работи ја истакна поддршката на Бугарија за нацрт-резолуцијата за потребата од брзо постигнување на сеопфатен, праведен и траен мир во Украина. Според неговите зборови, Генералното собрание на ОН ја носи историската одговорност да ги поддржува принципите на Повелбата на ОН, мирот и меѓународниот поредок заснован на правила.
Костадин Коџабашев изрази сочувство кон украинскиот народ за нивната исклучителна храброст и издржливост и ја повтори категоричната поддршка на Бугарија за напорите на Украина за постигнување траен мир во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право.
Се очекува ОН да ја одбележат годишнината од руската инвазија на Украина со резолуција во која се повикува на мир.