ВМРО-ДПМНЕ: Тренчевска зборува за стандард, а граѓаните паметат инфлација и осиромашување
ВМРО-ДПМНЕ реагира на прес-конференцијата на Јована Тренчевска, оценувајќи дека за време на владеењето на СДСМ граѓаните се соочувале со двоцифрена инфлација и намалена куповна моќ.
„По седум години политики кои го доведоа народот на работ на егзистенција, денес на СДС им пречат мерките што носат повисоки приходи и подобар стандард за граѓаните“, се вели во реакцијата.
Од партијата тврдат дека актуелната Влада спроведува политики кои даваат резултати, посочувајќи дека просечната нето-плата од 2024 година досега е зголемена за близу 8.000 денари или 19,6 проценти.
Во реакцијата се наведува дека се зголемени пензиите, како и платите во здравството, образованието, одбраната и полицијата. Според ВМРО-ДПМНЕ, стапката на невработеност е намалена од 12,5 на 11,3 проценти, а вработеноста е зголемена од 45,6 на 46,5 проценти.
Партијата посочува и дека земјава бележи раст на БДП од 3 проценти во седум последователни квартали, оценувајќи дека економските политики создаваат услови за натамошно подобрување на животниот стандард.
