Кога идентитетот е бетон

//

Пишува: Ѓорѓи Трендафилов

Вчерашниот фудбалски натпревар меѓу Северна Македонија и Бугарија е одличен настан за крај на „месецот на независноста„ зачинет и со симболиката на името на еден од фудбалерите на теренот, Илија Груев. На трибините пак, горди „титовелешани„ ја „бодрат„ својата репрезентација со транспаренти на кои има југословенски динари!? Слика која како да излетала од некој необјавен материјал на Монти Пајтон. Истовремено, на трибините се наоѓа и политичар кој е Претседател на Владата на Северна Македонија, што е ужасно навредливо за повеќето присутни, кои сосема природно, својот идентитет го врзуваат (некако) за непостоечка држава, која имаше стапка на инфлација од околу 164%. Која дозволуваше 40 литри гориво по возило. Која наплаќаше депозит при излез од државата. Тоа се некако тие „златни 80-те години„ кои ни се врежани и не ги даваме (не оти некој ги бара)

„Месецот на Независноста„традиционално започна со серија интервјуа на „угледни политичари„ јавни личности и стопанственици, кои со „благ и татковски тон„ ни укажуваат зошто и понатаму – не не бива! Иако,тие повеќе од три децении се труделе „да не биде„ (дел од нив сеуште се трудат) од височините на политичките, деловните и научните кругови на земјава.

Во „височините„ каде што отпорот на воздухот е помал, и разликите меѓу „стратегиите„ се мали, во дадени услови,речиси и не постојат. Од друга страна пак, „долу„ ниско на земјата, тој отпор е далеку повидлив. Долу може да се ламентира за „судбината на Ченто„ и истовремено да се глорифицира режимот кој му ја одреди истата. Долу е полесно да се пее за Александров и од дното на душата да се мрази Михајлов. Долу, долу се е полесно, квалификациите, воодушевувањето, љубовта,приврзаноста и омразата, обвиненијата и осудите, се е така лесно и навидум конечно!? Без оглед на бесмисленоста на изборот, неволјите започнуваат за оние кои ја истакнуваат таа бесмисленост. Зошто „северниот идентитет„ е исто бесмислен како и „динарскиот„ и по правило, отпорот кон промоторите на таа„бесмислена„алтернатива, ги мобилизира и двете против секој кој укажува на неодржливоста на оваа т.н. алтернатива. Нешто како во крајот на „Животинска фарма„ Тие стануваат се понепрепознатливи, а оние другите, другите се повеќе пречат. Како против тежа на „ настапот на титовелешани„ дозволете да ви обрнам внимание на наловот – Десетминутен аплауз за маестралната изведба на „Одисеј“ од Драмскиот театар од Пловдив во Велес во Нова Македонија,

„Актерите од Драмскиот театар од Пловдив синоќа во велешкиот театар Јордан Хаџи Kонстантинов- Џинот ја претставија театарската претстава „Одисеј” по Хомер.

Полната сала ги испрати на нозе и со десетминутни бурни овации актерите по нивната прекрасна изведба.
Велешани и гостите на градот долго време ќе ја паметат претставата „Одисеј“ не само поради маестралната глума на актерите и актерките, туку и по фантастичните визуелни ефекти, музика и кореографија“, пишува Нова Македонија.




И театарот и фудбалот се јавни настани. Тие треба да го предизвикаат гледачот/публиката да се „соживее„ со настаните на сцената. Квалитетот на изведбата и емоциите на гледачот се во корелација, некоја изведба ја паметиме долго, друга ја забораваме веднаш…некоја сакаме да ја запамтиме/заборавиме, но,некако ни се измолкнува.

Сега сме на почетокот на овој предизвик, симболиката на бесмислената алтернатива нема да си замине преку ноќ. Фрустацијата на секојдневната неизвесност ќе (е) биде богат извор за демагошки памфлети, политички стратегии и злоупотреби на сензитивноста кај луѓето. Таков процес во друга земја би довел до сериозно општествено поместување и тензии, во нашиов случај, за жал ќе има само тензии. Поларизацијата е одамна поставена. Национална, социјална, дури и кохезија на микро/локален простор, не постои во вистинска смисла на зборот.Поставените прашања се исклучиво од внатрешна природа, без оглед на настојувањата да им се даде некаков „значаен и глобален ореол„ Натпреварот се одвива исклучиво во рамките на т.н. понудена алтернатива, што на секое укажување за поинаква состојба на објективноста, веднаш се мобилизира во духот на „непријателот на мојот непријател, е мој пријател„.

Акцентот е на непријателот. Ако го нема, ќе го измислиме, зошто само преку постоењето на „непријателот„ ќе добиеме пријател!? Впрочем, нели е докажано дека -можеби звучи шашаво, но функционира!

Претходна статија

Митрев: Зборовите на “Мила Родино” беа посилни од сите свирежи синоќа

Следна статија

МНР на РС Македонија со осуда за синоќешните извици на говор на омраза на фудбалскиот натпревар меѓу РС Македонија и Бугарија

Најново од Истакнато