КОГА КРЧМАРОТ ЌЕ СИ ДОЈДЕ ПО СВОЕТО (5)

Партизанските “ќосиња” сега стануваат примерни граѓани, се образуваат по работничките универзитети, говорат против “бугарското ВМРО”, но го слават и учат Коста Абраш, љубителот на “црвена крвца и црвена освета”…за Ќосето не говорат, тој е нивната мрачна реалност. За Декларацијата на Коминтерната со која се потврдува постоењето на македонска нација никој не говори, но македонското прашање од територијално станува национално, а Македонија од вистински мултиетничка и мултиконфесионална станува националистичка и македонистична…партизанските ќосиња триумфираат, тоа се нивните ѕвездени мигови.

loading...

Веднаш по смрта на Јосиф Броз Тито во мај 1980, почна да се чувствува трулежот на распаднатото југословенско ткиво, а оние со поизразит политички сенс, веќе ја чувствуваа крвавата драма која ќе ја расчисти србојугословенската и србокомунистичката магла на просторите на државата за која се пролеа толку невина крв. Ако денес имаме изрази како пајтон-партија, султан-партија, за тоа време би можело да се каже дека живеевме во држава-султан (Тито)партија. Такви ни беа и свечените песни.

Во тие години сојузен секретар (т.е. министер) за внатрешни работи на СФРЈ беше генералот Фрањо Херљевиќ. Партизан, првоборец, командант на дивизија, беше олицетворение на се она што може во кариерата да го постигне еден комунист. По 1980 година, во два наврати го посети Скопје. Првиот пат беше тука на пропатување кон Грција, на безбедносна средба со нивниот “прв полицаец”. Во Скопје, имаше средба со активот на внатрешни работи и ДБК, каде свечено објави дека оди во Грција да проговори “и за македонско грчките односи, како и за судбината и иднината на децата бегалци од Граѓанската војна”. Подоцна се разбра дека бесрамно лажел, воопшто не поставил такви прашања. Неговата теза била да се спасува она што може да се спаси од СФРЈ, а за возврат тој ја нуди судбината на Македонија и на егејските деца “на тањиру”…

Втората посета му беше некаде околу 1982 година, пак на средба со удбашката номенклатура, каде на старите и заслужени функционери на ДБК им подари пиштоли “Колт” и револвери “Смит Весон”. Сите на левата страна на дршката, на посебна плочка, го имаа изгравирено името на добитникот како награда за неговите заслуги, сите со посвета потпишана од Херљевиќ. Тогаш одржа подолг и досаден говор за светлото минато на југословенските народи “у коме смо и ми учествовали својим радом”, а некои од присутните, повеќето од традициите на комунистичките “ќосиња” се смешкаа неопределено. При личното предавање на пиштолите, еден стар удбаш, партизан со споменица, се сврте кон него и му рече: “Друже генерале, сви ми знамо шта је било јуче, реците ви нама, шта ќе бити сутра…”

Ех, тоа, што ќе биде утре е и дел од нашата тема. Па, отприлика се знае…ќе има референдум, референдумот ќе успее или не, безразлично од неговиот успех актуелната влада и парламент ќе донесат акт за верификација на договорот со Грција и за пристапување кон НАТО. Кон НАТО ќе се тргне веќе на почетокот на наредната година, за Европската унија малку ќе почекаме, а во меѓувреме, комисиите за јазикот, идентитетот и историјата меѓу Македонија и Грција и меѓу Мекедонија и Бугарија ќе почнат да работат… ете, тоа е мојот одговор до стариот удбаш, а Фрањо Херљевиќ ни на сон не би можел тоа да го помисли. Има и нешто друго, многу значајно. Македонското општество е поделено; во опозицијата и во ВМРО ДПМНЕ, барем во прво време на основањето, беа и сеуште се наследниците на оние кои биле убиени од љубителите на “црвена освета”, а во СДСМ се наследниците на убијците, наследници на “црвените ќосиња”. Така некако се распределени силите во глобала, освен што последните десетина години ДПМНЕ успеа да го привлече отпадокот од црвените револуционери…ке видиме како ќе излезе гласањето…

Без оглед на тоа, македонско-бугарската комисија ќе почне со работа. Не се грците проблемот за нашиот идентитет; проблемот е Ангел Димитров, шефот на бугарската комисија и познат дипломат и признат историчар. Тој ќе го отвори прашањето за постоењето на “македонците како нација” пред Илинден 1944 година, тој ќе објаснува каква националност имал Гоце Делчев, која националност ја имале првите основачи и членовите на сега веќе историското ВМРО, тој ќе ни раскаже историја која никогаш официјално не сме ја чуле и…ќе нема кој да не одбрани. Меѓународната научна јавност е со него, па следствено на тоа и политичката. Бугарската страна веќе има собрано не само бројки, туку и имиња и презимиња на сите убиени од страна на комунистите, без суд и пресуда, по 9 септември 1944 година, а бројката неколкукратно ги надминува сите жртви што Македонија ги дала под бугарска власт од 20 април 1941 година до критичниот 9 септември 1944 г. Тој и неговата екипа, со посебно задоволство ќе им се свртат на вмровците, а специјално на сдсмовците од “егејски произход” па ке им објаснуваат која е и колкава вината на комунистите за отворањето на Граѓанската војна во Грција, за ролјата на “контрачетите” за запазувањето на македонскиот народ на егејските територии и за тоа кој ја сноси вината за разгромот. Знае ли некој овде дека на селаните од Д’мбени им било разделено оружје од страна на контрачетниците, за да се бранат од грчките фашистички експедициони корпуси. Некој партиски активист ги убедил селаните да го вратат оружјето бидејки било бугарско и фашистичко, тие ќе им донеселе поубаво, советско. Луѓето го вратиле оружјето, дошле оние од ПАОК и сега сите ја знаеме судбината на Д’мбени…а оружјето, кај сите било германско, пушки и шмајзери “Маузер” и пиштоли “Парабелум”…ете, тоа ќе биде објаснето во склоп на историјата и нејзините евтини македонистични интерпретации.

Јас ќе излезам да гласам на 30 септември и мојот глас ќе биде “ЗА” референдумот и за НАТО и ЕУ. Сметам дека сите оние кои имаат во себе си некаква нишка на традиционалното ВМРО да излезат и гласаат “ЗА”. Им советувам на сите од СДСМ да не излегуваат на гласање, да бојкотираат. Позитивниот референдум, договорите со Грција и Бугарија и патот кон ЕУ, ќе ги отворат злосторствата на нивните предци. Вмровците уште од времето на Љубчо беа принудени на “средба со историјата”, беа принудени да ги слушаат на Радио и МТВ, да ги читаат во “Нова Македонија” гнасотилаците на пропаднатите комунисти за вмровските лидери и нвното минато. Што се не се изнаслушавме за Тодор Александров, за Ванчо Михајлов, какви не глупости слушнавме и за Љубчо Георгиевски и неговиот антураж. Тоа беше “нашата” средба со историјата, сега на ред е средбата со историјата на Заев и комп., за кадрите во неговата партија, а бога ми и во ДПМНЕ, за “внуците на црвената буржоазија”, за ноќните автомобилски несреќи, за функциите во МВР и УБК…демек, биле кадри и професионалци…ветар на магла.

Успехот на референдумот е пораз на СДСМ и седудесетгодишната окупација на болшевиците во земјава, тие и нивните московски ментори. Затоа, оние кои ја водат кампањата се повикуваат на Путин, но тоа не се кадри на Груевски, туку на Бранко, Глигоров и комп. Егоцентричниот, искомплексиран и слабообразован Груевски ги примил “под свое” некогаш кога му се понудиле…тие добиле заветрина, а нему му го задоволувале бескрајното его.


loading...

Оваа власт успеа да го турне само паметникот на “Ќосето” и да го извалка името на единствениот чесен меѓу “нашите” и “вашите”…успешниот референдум ќе ги урне, макар фигуративно, паметниците на “црвените ќосиња” споменати овде…

Сепак, крчмарот ќе си дојде по своето, сметките мора да бидат платени…

Крај.

Текстот е напишан во 2018 г. во пресрет на референдумот за уставното име на Македонија. Ниту еден македонски медиум не сакал да го објави. Написот на В. Перев е објавен во www.faktor.bg.

Автор: Владимир Перев

Четвртиот дел од написот можете да го прочитате овде.