| |

Кои се следните чекори откако Владата ги усвои уставните измени

Откако вчера Владата РС Македонија го усвои Предлогот за пристапување кон промена на Уставот со цел внесување на Бугарите и останатите делови од народи во Преамбулата и во членовите, каде што се спомнуваат останатите делови од народ, истиот треба да го достави до Собранието, јавува Фокус

Откако претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе го добие Предлогот, тој е должен да им го препрати на пратениците, како и на претседателот на државата, Стево Пендаровски. Потоа, Џафери треба да свика пленарна седница, но таа треба да биде најмалку 30 дена откако предлогот со амандманите е влезен во собраниска процедура, Џафери ќе може да ја свика седницата најрано на 18 август.

Во првата фаза пратениците на пленарна седница ќе треба да ја изгласаат потребата од носењето на уставните измени. Ова гласање ќе биде клучно, бидејќи и за него е потребно двотретинско мнозинство од пратениците, нешто што во моментов власта го нема.

По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој  подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот  на  амандманите на Уставот.

Претресот во Собранието се води по текстот на нацртот на секој амандман одделно и може да се дадат мислења и предлози. Претресот може да трае најмногу три работни дена по текстот на  нацртот на секој амандман одделно. 

Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно.
Потоа нацртот на амандманите Собранието го става на јавна дискусија. Собранието определува рок за спроведување на јавната дискусија, начинот на објавувањето на нацртот на  амандманите и рок  во кој  предлагачот како носител на јавната дискусија до Собранието поднесува извештај за резултатите од јавната дискусија и текст на предлогот на амандманите на Уставот.

Третата финална фаза е усвојување на амандманите и за тоа повторно е неопходно двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа.



Слични Објави