|

Кој ги “кочи” уставните измени?

Fb статус на Никица Корубин

Откако помина добро чуваното чествување, иако не е баш најјасно кој и од кого беше чуван, односно дали поголема опасност беа “внатрешните” или “надворешните” непријатели, откога вторите “паднатиот систем” ги запре пред и да дојдат до блокираниот Свети Спас; чинам дека може да се вратиме на главната обврска: уставните измени. Со други зборови, “забавата и дефокусот” заврши, па пред да се премине на следниот повод, кој со нетрпение се очекува, да го побараме одговорот на логичното прашање: зошто постапката за уставни измени се’ уште не е започната?

Откако повеќе од една години, ги елаборираме сите можни оправданија, зошто уставните измени за влез на Бугарите во уставот, не може да се завршат “толку брзо”, да се потсетиме во кој рок се одвиваа последните уставни измени, како очигледен репер, односно како се одвиваше целата постапка од потпишувањето, ратификацијата на Договорот од Преспа, па се’ до уставните измени. Договорот од Преспа е потпишан на 17.06.2018, ратификуван е во собранието на 20.06.2018; уставот е отворен на 19.10.2018, а затворен на 11.01.2019. Со други зборови за неполни шест месеци, завршена е целата постапка, а самите уставни измени за неполни три месеци. И притоа уставот е променет со четири уставни амандмани, во самиот устав, а не само во преамбулата.

Тогаш, што точно, е толку комплицирано и тешко, која тоа процедура може да трае “повеќе од четири месеци”, и која е сложеноста на содржината на тој еден (1) амандман, кој треба да ја промени преамбулата на уставот? Во моментов поминато е повеќе време од усвојувањето на преговарачката рамка, во која како услов е промената на преамбулата на уставот, отколку што во 2018 година требаше за потпишување на договор, ратификација на договор, отварање и затворање на уставот. Што е тогаш проблемот?

Претседателот на собранието вели дека уставните измени се планирани да започнат јуни/јули месец, за да би можеле да завршат, најдоцна до ноември, кога е крајниот рок за завршување на тековниот скрининг на ЕУ. Не знам како е дојдено до овие “растегнати” рокови, кога истиот претседател ги водеше и “вообичаените” рокови за многу посложена постапка во 2018 година. Нејсе, ако “датумот” за почеток е однапред предвиден, за јуни/јули, тоа значи дека и мнозинството е извесно. Што е тогаш причината поради која државата би требало да чека до јуни/јули, а не да започне веднаш, односно вчера? Кога веќе не е во наша моќ “растегнување” на скринингот на уште некој месец, а зошто да не и година(и).

Освен, очигледното и традиционално “купување време”, што е тоа што фебруари/март ги прави различни од јуни/јули? Која е таа поважна обврска, која е таа “презафатена” агенда на собранието, да не’ влезе уште некој во “активна блокада”, кои се тие калкулации, поприориетни од отварањето на поглавијата? Колку време треба да се напише и образложи едниот (1) уставен амандман, за влез на Бугарите како “дел од народ” во преамбулата на уставот?

Што се чека? Уште некој повод за влошување на односите со Бугарија и заострување на реториката? Што е следно за “одбележување” откако го апсолвиравме фебруари како изгубен месец, депортацијата на евреите од Македонија во март, па смртта на Гоце Делчев во мај, откако раѓањето го “прославивме” со панихида, уште април некако “да се покрие” со некој датум, па да дојдеме безбедно до јуни/јули. Остана ли нешто незлоупотребено од историјата или се’ е темелно покриено, избрани ли се сите “можности” за “патриотски вознес” и “одбрана на идентитетот”? Спремни ли се сите “финти” во итромански стил, на кои веќе сведочевме викендов? Така ли се прави агендата на политичките настани, во држава која ќе стане членка на ЕУ?

Останува уште неодговорено прашањето, после сето ова, кој всушност ги кочи уставните измени во моментов? Со неприфатлива реторика на највисоки носители на јавни функции, со нервозни “предизборни” средби, со непринципиелни коалиции, со френетично инсистирање на “европејство” и заткулисно кокетирање со квази-национализам. И ако не успее сето ова, останува уште една карта: предвремени избори. А, ако не успее ниту тоа, барем да се дигнат “бариерите на нетрпеливоста и омразата” толку високо, за да може потоа истите и да ги тргаат. Слично, како што во ЕУ сакаат да не’ носат и едуцираат, тие што беа најгласни противници. Со тоа, што не секоја “итарпејовска замисла” може и да се реализира, во посакуваниот обем, како до сега. Времето изминува. Да видиме чие.

Слични Објави